Најмалку 27 лица се уапсени во Палисадес и Итон, области каде се активни најголемите пожари во Лос Анџелес, соопштија денеска градските власти.
Поголемиот дел од апсењата се извршени за кражби, грабежи и поседување дрога, пишува ABC News. Меѓу уапсените има и две лица кои се приведени поради прекршување на полицискиот час во тие области, кој е во сила до понатамошно известување.
Од шесте пожари што ја зафатија областа на Лос Анџелес, три се ставени под контрола, а 50 проценти или повеќе од областа под оган е изгаснат, додека најголемиот пожар во Пацифик Палисадес сè уште не е под контрола, како и пожарите во Итон и Арчер, објавија претходно американските медиуми.
Според последните податоци, 11 лица загинаа во пожарите во Лос Анџелес, а наредбата за евакуација се уште е во сила за околу 100.000 жители на областа.
Според проценките на Калифорниската противпожарна служба, повеќе од 10.000 објекти најверојатно биле оштетени или уништени во пожарите само во населбите Итон и Палисадес.