Премиерот на Грендланд, Муте Егеде, во своето новогодишно обраќање ја истакна желбата да се добие независност од Данска, поранешниот колонијален владетел, што покажува значителна промена во реториката околу иднината на арктичкиот остров.

Говорот на 39-годишниот премиер се одржа откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, изрази желба за сопственост и контрола над Гренланд. Егеде вели дека сака соработка на Гренланд со други земји. „Крајно време е самите да го преземеме тој чекор и да ја обликуваме нашата иднина во однос на тоа со кого ќе работиме и кои ќе бидат нашите трговски партнери“, рече тој.

Движењето за независност се засилува во Гренланд во последниве години, делумно поради неодамнешните откритија за однесувањето на данските власти во текот на 20 век, како што е кампањата за принудна контрацепција во 1960-тите.

Гренланд двапати ги отфрли обидите на Трамп да го купи островот

Гренланд, најголемиот остров во светот со население од околу 60.000 жители, беше данска колонија додека не стекна самоуправа со свој парламент во 1979 година. Сè уште е територија на Данска, а Копенхаген ја контролира нејзината надворешна политика и одбрана.

Правото да се прогласи независност преку референдум е стекнато во 2009 година. Во 2023 година, владата на Гренланд го претстави својот прв нацрт-устав. „Историјата и сегашните околности ни покажаа дека соработката со Кралството Данска не успеа да постигне целосна еднаквост“, рече Егеде.

„Сега е време нашата земја да го направи следниот чекор. Како и другите земји во светот, мора да работиме на отстранување на пречките преку соработка. Можеме да ги опишеме како оковите на колонијализмот и да одиме напред“, додаде тој.

Тој нагласи дека народот на Гренланд треба да одлучи за независноста, но не откри кога би можело да се одржи гласањето.

Егеде не го спомна Трамп во својот говор

Иако мнозинството од 57.000 жители на Гренланд ја поддржуваат независноста, постојат поделби околу тоа кога треба да се прогласи и потенцијалните последици од таквата одлука врз животниот стандард. Владата на Гренланд двапати ги отфрли понудите на Трамп за купување на островот, во 2019 година и повторно минатата година. Егеде рече дека Гренланд е нивен, дека не е на продажба и никогаш нема да биде.
Во својот говор тој не ги спомна Трамп или САД. Главниот град на Гренланд, Нук, е поблиску до Њујорк отколку до Копенхаген. И покрај големите резерви на минерали, нафта и природен гас, економијата на Гренланд останува кревка и многу зависи од риболовот и данските субвенции. Островот ќе има парламентарни избори пред 6 април.

Зошто Трамп го сака Гренланд?

Трамп на социјалните мрежи рече дека САД сметаат дека „поседувањето и контролирањето на Гренланд е апсолутна неопходност“ за националната безбедност и глобалната слобода. САД веќе имаат Питуфик, вселенска база, на Гренланд. Територијата е богата со природни ресурси, вклучувајќи минерали од ретки земји и нафта, и зазема стратешка позиција за трговија, бидејќи големите сили се обидуваат да го прошират своето влијание во Арктичкиот круг.

Особено Русија го гледа тој регион како стратешка можност. Уште во 2019 година, за време на неговиот прв мандат, Трамп предложи купување на Гренланд, но планот не беше реализиран.

Поради зголемувањето на температурите, се проценува дека 28.000 квадратни километри од ледените плочи и глечерите на Гренланд се стопиле во текот на изминатите три децении, област приближно со големина на американската сојузна држава Масачусетс. Ова има огромни последици за целиот свет. Доколку мразот целосно се стопи, Гренланд може да предизвика зголемување на нивото на морето за дури седум метри, според НАСА.

Повлекувањето на мразот на Гренланд може да отвори области за дупчење нафта и гас и експлоатација на клучните минерали, што веќе предизвика меѓународен интерес и загриженост за можна штета на животната средина. Покрај тоа, бродскиот сообраќај на Арктикот е зголемен за 37 отсто во текот на изминатата деценија, според неодамнешниот извештај на Арктичкиот совет, бидејќи морскиот мраз се намалил. Понатамошното топење може да отвори уште повеќе трговски патишта.

Аманда Линч, професорка на Универзитетот Браун, која ги проучува климатските промени на Арктикот речиси 30 години, рече дека новите трговски патишта создадени со топење на мразот може да го зголемат ризикот од еколошки катастрофи. Бродовите од некои земји, рече таа, не се дизајнирани да ги издржат арктичките услови. „Ислевањето нафта или друга токсична несреќа на таа рута е неизбежна и можеби веќе се случила без ние воопшто да знаеме“, рече таа.

Кина покажа значителен интерес за нова рута низ Арктикот, а во ноември Кина и Русија се договорија да соработуваат на развојот на арктичките трговски патишта.

„Сообраќајните правци на Арктикот се менуваат поради климатските промени“, рече Хозе В. Фернандез, американски потсекретар за економски раст, енергија и животна средина. „Тоа е нешто на што посветуваме се повеќе внимание и секоја нова администрација ќе мора да се справи со тоа во иднина“, додаде тој.

Трамп ги нарекува климатските промени измама. Неговиот поранешен советник за национална безбедност, Роберт Си О’Брајан, сугерираше дека климатските промени се една од причините за интересот на Трамп за стекнување на Гренланд. „Гренланд е автопат од Арктикот до Северна Америка, до Соединетите држави“, изјави тој за Фокс њуз. „Тоа е стратешки многу важно за Арктикот, кој ќе стане клучно бојно поле во иднината, бидејќи, како што климата станува потопла, Арктикот ќе стане патека што може да ја намали употребата на Панамскиот канал“.

ИЗДВОЕНИ