Работат фабрики без филтри, несовесни лица што горат сè и сешто во своите печки, несоодветно регулиран сообраќај, беше истакнато на протестот во Струмица, каде што екоактивистите посочија дека најголем загадувач е корупцијата што владее и дека институциите што треба да се справуваат со загадувањето – спијат. Организаторот на протестот „Забрането дишење“, струмичкото ЕЗ „Здрава котлина“, побара спроведување план за итни мерки и долгорочни решенија за заштита на животната средина во Струмичката Котлина и за намалување на загадувањето со вонредни и краткорочни мерки
Енормното загадување на воздухот во Струмица со ПМ 10-честички викендов ги крена струмичките екологисти и граѓаните на протестен марш под мотото „Забрането дишење“, во организација на Еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица.
Од „Здрава котлина“ побараа спроведување план за итни мерки и долгорочни решенија за заштита на животната средина во Струмичката Котлина и за намалување на загадувањето со вонредни и краткорочни мерки.
– Привремена забрана за работа на индустриските погони со висок степен на загадување додека не се инсталираат филтри и не се потврди усогласеност со еколошките прописи; контрола на согорувањето опасни и несоодветни материјали во пластениците и во индустриските објекти, со 24-часовни патроли; користење рачни мерачи и дронови; итно затворање на дивите депонии, кои испуштаат токсични гасови; нивна санација; физичко обезбедување на локациите со камери и бариери; зачестена контрола на нелегалната сеча на огревно дрво; забрана за дотур и пуштање во промет на огревно дрво што не е отстоено во склад осум месеци од денот на сечењето – побара Оливера Аризанова-Мансабрт во име на екологистите и наведе и други барања за намалувањето на загадувањето, кои ќе бидат доставени до надлежните за да постапат по нив.
Стојан Велков-Трн нагласи дека институциите што треба да се справуваат со загадувањето – спијат и дека има и несовесни загадувачи, кои горат сè и сешто во своите печки.
– Ова загадување е масовно убиство на Македонија. Ова загадување го има во сите градови, но Струмица води, таа е втора во Македонија, седма во Европа. Сите се прашуваме од каде ова загадување. Имаме индустриски капацитети што загадуваат, имаме фабрики што работат без филтри, имаме несоодветно регулиран сообраќај, имаме домови што користат најразлични материјали за затоплување, но најголем загадувач е корупцијата што владее – истакна Велков-Трн.
Според Ѓорги Танушев, советник во Советот на Општина Струмица од Коалицијата „Стига“ и еколошки активист, воздухот е многу загаден и според медицинските статистики, Струмица е на врвот според болестите предизвикани од тоа.
– Статистиката од Институтот за јавно здравје за 2023 година покажува дека Струмица е прва по циркулаторни болести кај младите луѓе до 18 години. Ова е катастрофа! Ова се официјални медицински податоци и се исти како во Битола, со која го делиме првото место, но ние го немаме РЕК „Битола“. На второто место е Кичево, каде што е РЕК „Осломеј“, а што има Струмица? Се наоѓаме на второто место по нервни заболувања кај младите луѓе. Овие извештаи се официјални и секој може да ги провери – рече Танушев.
Тој додаде дека Струмица е на седмото место по загаденост во Европа и на 522. место од 7,5 илјади градови во светот.
Протесниот марш се одвиваше по улиците на Струмица, а заврши пред зградата на Општина Струмица, каде што беа прочитани барањата на екологистите за намалување на загадувањето. Протестот го подржаа повеќе политички партии, а во протесниот марш учествуваше и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Се бара едукатор и обучувач за селекција на отпадот
Општина Струмица, во соработка со ЈПКД „Комуналец“ – Струмица, ќе спроведе проект за едукација на наставниот кадар и на учениците во средните училишта за селекција на отпадот и за зачувување на постојната опрема за отпад поставена на територијата на локалната самоуправа. За таа цел е објавен јавен повик за избор консултант/едукатор за проектот за едукација на наставниот кадар и на учениците во средните училишта за селекција на отпадот и за зачувување на постојната опрема за отпад на територијата на Општина Струмица.
Во рамките на проектот ќе биде изработен прирачник за потребите на средните училишта, кој ќе им биде во функција за давање насоки за справување со отпадот, негово собирање и создавање навики за негово селектирање како во училиштата така и во домаќинствата, преку образовниот процес.
Исто така, објавен е јавен повик за избор на стручно лице обучувач за реализација на активноста „Од селектиран отпад до нов креативен производ“ на територијата на Општина Струмица.
– Справувањето со загадувањето на животната средина и со климатските промени и оваа година останува наш приоритет. Одиме чекор напред и со примена на циркуларната економија, ги следиме светските трендови и ги користиме капацитетите на стручните лица. Тие ќе изведат практични применети обуки преку конкретни фази за изработка на готов краен производ, со цел правилно менаџирање и повторна употреба на селектираниот отпад, како и негово намалување во непосредната околина.
Фото: Петр Стојановски