Сите предизвици на модерното време, особено по пандемијата на  ковид-19, влијаат на секој од нас  – може да се чувствуваме вознемирени, уморни, или да имаме кое било друго чувство или симптом што го придружува стресот – неможност за концентрација, недостаток на мотивација, чувство на осаменост, но и физички реакции во форма на разни гастроинтестинални мачнини, главоболки, анксиозност, други главоболки итн. Нарушувањата на менталното здравје можат да влијаат на способноста за функционирање во секојдневниот живот, како и на дијабетесот или на кардиоваскуларните заболувања. Во светот, еден од десет луѓе живее со некакво нарушување на менталното здравје. Поради овие причини, неопходно е да се даде приоритет на менталното здравје за да се подобри не само личната, туку и општата благосостојба. Спасувањето на душата е долгорочен процес. Моментот кога ќе се појави дијагнозата Ф зависи од тоа кога некој ќе отиде на лекар поради симптомите и ќе ја добие, но всушност сите ја имаме скриена во себе. За сето ова, за весникот ВЕЧЕР разговаравме со докторот специјалист, психијатар во Општата болница со проширена дејност Гевгелија, Сашко Цветковиќ.

 

*Докторе, се зголемува бројот на луѓе кои страдаат од нарушување на менталното  здравје и нарушувања во однесувањето, или Ф дијагнози. Што е всушност Ф дијагноза и кои се предупредувачките знаци ?

– Дијагнозата „Ф“ вклучува голем број, неколку стотици болести или отстапувања на умот и свеста. Се работи за група на ментални нарушувања или ментални болести кои го афектираат мислењето, однесувањето, расположението, и интеракциите со другите луѓе. Некои од главните видови се: шизофренија, анксиозност, депресија, панично растројство, нарушување на исхраната, растројство во личноста, психотични растројства, проблеми поврзани со консумирање алкохол и никотин, булимија и др. Менталните болести се резултат на  една комплексна интеракција меѓу умот, телото и средината. Не постои човек кој не може да биде Ф во трауматски околности . Важно е да се знае  дека нивното влијание може да се минимизира со помош на силна поддршка од средината. Во кој било период од животниот век може да се појави одредено психичко нарушување. Најчести предупредувачки знаци кои може да доведат до нарушување на менталното здравје се: изолација од луѓето и активностите во кое сте уживале, намалување или отсуство на животна енергија, чувство на празнина или како ништо да не ви  е важно, внатрешен немир, чувство на беспомошност или безнадежност, заборавеност, вознемиреност, зaгриженост, или плашливост, сериозни проблеми во расположението кои може да предизвикаат проблеми во комуникацијата, мисли или идеи кои не може да ги извадите од главата, слушање гласови или верување во работи кои се невистинити, размислување за самоповреда или повреда на  другите, неможност за извршување на  секојдневните активности како што е грижата за децата или одење на училиште или работа, прекумерна употреба на лекови, цигари или дрога.

*Што подразбираме под менталното здравје и  како да знаеме дека сме ментално здрави?

– Менталното здравје е состојба на емоционална, психолошка, и социјална благосостојба кај една личност. Тоа влијае врз начинот на кој ние размислуваме, чувствуваме и дејствуваме кога се соочуваме со животот. Светската здравствена организација го дефинира менталното здравје како состојба на благосостојба во која секој човек го реализира својот потенцијал. Состојба во која здравата психа на една личност е способна да се справи со секојдневните животни стресови. Ментално здрава индивидуа може да работи продуктивно и да придонесе за развојот во заедницата во која припаѓа. Менталното здравје е важно во сите фази од животот од детството и адолесценцијата до зрелоста и староста. Менталното здравје е  состојба на рамнотежа и во околината  и со околината. Во создавањето на оваа рамнотежа учество имаат физичките, психолошките, социјалните, духовните, културните и други меѓусебно поврзани фактори. Концептот на менталното  здравје е културолошки дефиниран, но генерално се однесува на уживање во животот, способноста за справување со секојдневните стресови, со тагата, исполнување на сопствените цели и потенцијали како и чувство за поврзаност со другите.

*Кога може да се јават проблеми со менталното здравје кај еден човек?

– Душата никогаш не може да биде подготвена, но знаењето и информациите се пресудни што ќе правиме понатаму во нашите животи. Животот е динамичен процес, се соочуваме со низа животни предизвици кои може да влијаат нашето ментално здравје да се промени. Соочување и справување со хронична болест, нега или грижа на блиски лица, или постоење на финансиски проблеми, на пример. Новонастанатата ситуацијата може да го исцрпи и да ја надвладее способноста на индивидуата за справување со настанатата состојба. Од  друга страна, разговорот на овие теми со стручно лице или примање на терапија може да ја подобри состојбата.

Менталните болести се сериозни состојби кои можат да влијаат на начинот на  размислување, на расположение, како и однесување. Тие можат да бидат повремени или долготрајни. Достапните терапии и психотерапевтските интервенции овозможуваат значително намалување на присутните симптоми и овозможуваат голем дел од лицата да се вратат во нормално секојдневно функционирање.

*Физичкото и менталното здравје се поврзани, кои се последиците од занемарувањето на нашето ментално здравје?

– Врската помеѓу менталното и физичкото здравје е нераскинлива. Физичкото и менталното здравје се меѓусебно зависни. Менталните нарушувања може да го зголемат ризикот од телесни здравствени проблеми како што се шеќерна болест,  срцеви  и други заболувања. Телото и умот не се одвоени, така што не е ни чудно што нарушеното ментално здравје може да влијае на нашето тело. Социјалното здравје, од друга страна ги опфаќа односите со другите, без разлика дали тоа е семејството, пријателите, врсниците или колегите. Социјалното здравје укажува на начинот на кој едно лице реагира на луѓето во својата околина. Затоа, поврзаноста помеѓу овие три аспекти на човековото функционирање може да се нарече и триаголник на здравјето. Тоа е мерка за целокупната благосостојба на нашето функционирање. Триаголникот  на здравјето се состои од три страни кои придонесуваат за нашата севкупна благосостојба. Кога сите три страни (ментално здравје, физичко здравје и социјално здравје) се во оптимална, избалансирана состојба, тогаш и ние сме најефикасни. Оној кој ја има најголемата одговорност за нашето целокупно здравје сме самите ние. Со одржување на менталната хигиена ние го запазуваме нашето целокупно здравје, благосостојбата и оптимално функционирање.

*Како може да го подобриме нашето ментално здравје?

– Со преземање на одредени нови стилови на живеење, користење техники на релаксација, спортување, редовното вежбање, јадење здрава храна, доволен сон, поминување повеќе време со блиските и саканите, одморање и уживање во некое хоби, поставување реални цели, сето ова  може да го подобри квалитетот на менталното функционирање. Вежбање сè почесто се наоѓа на листа на препораки за лицата кои се борат со анксиозност и депресија. Со редовното вежбање и редовна физичка активност се намалува нивото на стрес, напнатост и го прави човекот да се чувствува опуштено, самоуверено и здраво во сопственото тело. По вежбањето телото е преплавено со хормони (ендорфини – познати како „хормони на среќа“) кои придонесуваат да се намали стресот и да се подобри распложението, а исто така се намалува и нивото на кортизол, хормонот на стресот, а со тоа се промовира менталната релаксација. Добрата храна помага во правилна продукција на хормони и невротрансмитери – соединенија кои го контролираат расположението, однесувањето и сонот. Преку внесување на минерали и витамини, на мозокот му се обезбедува сè што му е потребно за неговото правилно функционирање.

*Докторе, често луѓето имаат „страв“ од посета на психијатар, дали тој страв е оправдан или не?

– Проблемите со менталното здравје влијаат на благосостојбата на милиони поединци на глобално ниво. И покрај севкупната распространетост на менталните болести, сè поголем број лица, на кој им е потребен третман за ментално здравје, истиот не го добиваат. Стигмата за менталното здравје претставува значајна бариера која ги одвраќа луѓето од барање третман за тешкотиите со менталното здравје. Кога зборуваме за стигмата и менталното здравје мора да се вклучи и социјалната ситуација која сугерира дека луѓето стануваат класифицирани како непосакувани поради поседување одреден атрибут или демонстрирање на одредени однесувања. Овој став води кон генерализирана стигма кон одредена подгрупа во општеството. Кои било ментални состојби можат да бидат стигматизирани, вклучително и заразните болести, како што  беше случајот и со ковид-19.

*Секое шесто лице на Балканот ги исполнува критериумите за дијагностицирање на едно од најчестите нарушувања на менталното здравје, додека секое трето лице има тешкотии со тоа. Каква е ситуацијата со нарушеното ментално здравје во Македонија, а посебно во Гевгелија?

– Ситуацијата е слична и кај нас како држава, а истото се однесува и за општина Гевгелија. Треба да напомнам дека мал број од оние чие ментално здравје е загрозено барат стручна помош. Во денешно време, поради интензивните промени на кои сме изложени во нашето опкружување, големиот број обврски и брзиот начин на живот, честопати ги ставаме нашите потреби на последно место и забораваме дека покрај физичкото важно е и менталното здравје. Сите предизвици на модерното време, а особено по пандемијата со ковид-19, влијаат на поединците така што може да предизвикаат психички тешкотии, може да се чувствуваат вознемирени, уморни, чувство или симптом што го придржува стресот – неможност за концентрација, недостаток за мотивација, чувство на осаменост, но и физички реакции во форма на гастроинтестинални проблеми, главоболки, анксиозност. Во светот еден од десет луѓе живеат со некакво нарушување на менталното здравје. Поради овие причини неопходно е да се даде приоритет на менталното здравје за да се подобри не само личноста туку и неговата општа благосостојба. Менталното здравје не е само отсуство на ментална болест, тука е состојба позната како ментална благосостојба. Лошото ментално здравје има негативен ефект врз когнитивниот, емоционалниот, социјалниот аспект на однесување и партнерство. Ментално здравје има и свој удел врз благосостојбата и функционирање на една личност, на квалитетот на телесното здравје и личниот идентитет, како и благосостојба поврзана со работното место.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ