
Најдобриот португалски ракометар, Мигел Мартинс, падна на допинг-тест во пресрет на натпреварот против Соединетите Американски Држави на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка и веднаш беше суспендиран.
Мартинс итно побара да му биде земен нов примерок и да се извршат дополнителни тестови, но тоа нема да го спаси од фактот дека за него завршува Светското првенство.
„Огромен шок за нас, тешко е да поверуваме во ова што ни го кажуваат. Зборувавме веднаш во контакт со Мигел, кој е исто така збунет и во неверување. Тврди дека не сторил ништо надвор од прописите и ние комплетно стоиме зад него. Веднаш побарал Б тест и се надеваме дека ќе ја решиме ситуацијата“, изјавија од португалската делегација.
Португалија е во група со Соединетите Американски Држави, Норвешка и Бразил, но сигурно нема во ростерот да го има Мартинс, кој очигледно ќе има многу за докажување пред анти-допинг контролата.