Најавен нов бојкот во Хрватска, овој пат во поголем обем

30

Поради високите цени на продуктите, во петокот, 24 јануари, граѓаните низ Хрватска ги бојкотираа продавниците. Овој пат организаторите најавуваат уште поголем бојкот за петок, 31 јануари.

– Ќе ги бојкотираме сите форми на шопинг – најави Јосип Келемен.

Тој повика и на бојкот на три трговски синџири во следните три недели.

Само до 16:00 часот попладне во петокот, во секторот трговија на мало биле оданочени 32 отсто помалку поединечни фактури во однос на претходниот петок, а износот на фактурите е помал за 37 отсто. Ако се земат предвид сите индустрии, податоците се малку послаби, но, сепак, сугерираат дека потрошувачите одлучиле да испратат прилично силна порака. Во сите сектори, бројот на поединечни фактури е за 29 отсто помал од минатиот петок, а износот на фактурите е помал за 31 отсто, што упатува на тоа дека бојкотот на продавниците успешно се прелеал и во другите сектори, соопштија организаторите на бојкотот.

Европскиот центар за извонредност на потрошувачите, кој е здружение за заштита на потрошувачите, повика на бојкот на продавниците во Хрватска преку социјалните мрежи, пред сè на фејсбук-страницата „Здраво, инспекторе“. Ова здружение не очекуваше толку голем одзив на бојкотот, кој го поддржаа и синдикалците.

Граѓаните се свесни дека овој чин нема веднаш да промени ништо, но дека ќе испрати порака до надлежните дека не е нешто во ред и дека мора да се промени. Сепак, некои застапници на бојкотот веруваат дека тоа може да биде чин на брза промена, наведувајќи ги како пример бојкотите во Турција, Италија и во Обединетото Кралство.

Владата уверува дека ја разбрала пораката на граѓаните и најави дополнителни антиинфлациски мерки.

ИЗДВОЕНИ