Локалните избори ќе бидат распишани кон крајот на јули или на почетокот од август годинава, изјави денеска претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши. На редовниот брифинг со новинарите, тој денес рече дека очекува да бидат доставени до Собранието законските акти поврзани со локалната самоуправа и со локалните избори.
– Досега имаме само најава дека ќе ни бидат доставени измените во Законот за локална самоуправа врзани за референдумот за отповикување градоначалници и други измени. Се бара да се организира и дебата во однос на нив. Од Министерството за правда треба да се добијат предлозите за измените во Изборниот законик. Ако не се добијат, тогаш ќе се оди на изборите со старите законски решенија – најави Гаши.
Тој рече дека досега нема најави за промена на статусот на пратениците од крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, со што тие би станале посебна пратеничка група. Гаши не верува дека можното осамостојување на АА и нејзиното излегување од владината коалиција би предизвикале собраниска блокада преку неизгласување на законските решенија за кои се применува Бадентеровото правило. (Б. Ѓ.)