Во свечената сала на ДПМ, признанијата им беа врачени на Иван Џепароски добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија („Посвети и пофалби“), на Наташа Аврамовска која ја доби наградата „Димитар Митрев“ за најдобра збирка критика или есеистика („Книжевни паметници“), потоа на Иван Антоновски кому му припадна наградата за најдобра книга за деца и млади „Ванчо Николески“(„Бакнежи на небото“), на Жарко Кујунџиски кој се закити со наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга („Приказничар“) и на Гордана Јовиќ-Стојковска добитничка на „Мост“ за најдобра книга напишана на некој од јазиците на националностите во Македонија („Беше еднаш една куќа“)

Со доделување на традиционалните годишни награди за 2024, денес, на 13 февруари, во присуство на голем број гости и членови на писателската асоцијација се одбележа 78. роденден на Друштвото на писателите на Македонија. Во свечената сала на ДПМ признанијата им беа врачени на Иван Џепароски добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија („Посвети и пофалби“), на Наташа Аврамовска, која ја доби наградата „Димитар Митрев“ за најдобра збирка критика или есеистика („Книжевни паметници“), потоа на Иван Антоновски на кого му припадна наградата за најдобра книга за деца и млади „Ванчо Николески“(„Бакнежи на небото“), на Жарко Кујунџиски, кој се закити со наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга („Приказничар“) и на Гордана Јовиќ-Стојковска добитничка на „Мост“ за најдобра книга напишана на некој од јазиците на националностите во Македонија („Беше еднаш една куќа“).

„Наградата ‘Ацо Шопов“ за мене има огромно значење затоа што јас сум и професор, но и поет. И тоа професор по филозофија, односно по естетика. Ацо Шопов, малкумина знаат дека, има дипломирано филозофија на Филозофскиот факултет и тој е поет чијашто поезија е целосно опфатена и од филозофскиот дискурс. Инаку е невозможно да се замисли создавањето на поимот небиднина еден прекрасен филозофски поим, којшто е втемелен во поезијата на Шопов, без неговата поврзаност меѓу поезијата и филозофијата, меѓу мислењето и пеењето. Оттаму, за мене, како филозоф и како поет уште е поголемо значењето на оваа награда“, изјави професорот Иван Џепароски, заблагодарувајќи се на жири-комисијата за наградата бидејќи, како што истакна, членовите се едни од најзначајните македонски поети, со сериозен кредибилитет.

Како што посочи, пак, професорката Наташа Аврамовска, директорка на Институт за македонска литература, годинава се пријавени девет книги за наградата „Димитар Митрев“. „Наградата ‘Димитар Митрев’ е единствена што ја доделува фелата во областа, не само на книжевната критика, туку воопшто и на книжевните науки (теорија, книжевна историја). Во таа смисла, со оглед на тоа што доаѓа како награда од фелата, таа е и голема чест и обврзување за проследување не само на одделни дела, туку и на процесите на книжевна комуникација во нашата средина, и воопшто. Така што мислам дека со тие два збора – чест и обврзување во однос на натамошната работа на добитникот се објаснува значењето на оваа награда“, додаде Аврамовска.

Прашан за инспирацијата за делото „Бакнежи на небото“ за што ја доби наградата „Ванчо Николески“, Иван Антоновски истакна дека мотото и дел од пораките што ги пренесува оваа книга за деца е дека – сè убаво што постои на светот е создадено од љубов.

„Од многу љубов и со многу љубов, е создадена и оваа книга којашто не се создаде во еден миг, ниту во една година. Приказната долго ја носев во себе, а се одлучив да ја објавам тогаш кога бев сигурен дека во неа го има јазикот на нашето време и дека го има јазикот на денешните деца. За тоа, секако придонес имаше и моето родителско искуство откога станав татко на Илина, онака, како што се вика и еден од ликовите во книгата. Она што можам дополнително да го истакнам и за мене клучно е дека ова ми е најдрагата книжевна награда што сум ја добил досега. За тоа има две причини, едната е којашто ја споделуваме сите добитници, а тоа е што доаѓа од нашата фела, нашите колеги и од најстарата писателска асоцијација во државата, а втората е токму за тоа што се однесува на книжевноста за деца за која не еднаш е речено дека е најголемиот предизвик и најголемиот тест за писателите и за писателскиот талент“, истакна Антоновски.

Како што посочи, во денешно време можеби често помислуваме дека е лесно да се пишува за деца и дека во секој миг некој може да напише нешто за деца. „Не. И од онаа перспектива како исчитувач на македонската книжевност, но и како автор ќе кажам – најсериозната, најкомплексната задача можеби е да се пишува за деца затоа што е најголема одговорноста што од авторска перспектива се чувствува. Затоа она што во овој момент го посакувам е јас да бидам подобар родител одошто сум автор на книга за деца, а овие генерации деца денес и генерациите што ќе бидат по нас да имаат можност да читаат многу подобри книги од оние што сме ги имале досега, иако имаме сериозна и добра историја на книжевност за деца, меѓутоа имаме и предизвици во сегашноста“, додаде Антоновски.

Жарко Кујунџиски, пак, добитникот на наградата „Стале Попов“ истакна дека расказите во книгата „Приказничар“ се создавани во период од 25 години.

„Кога човек прави некој јубилеен пресек, се навраќа на оние раскази коишто него лично најмногу му значат, но и оставиле некоја трага во културата во која создавал, дали некои од нив или повеќето биле наградувани, ставани во некои антологии итн. Но, пак, ќе кажам се враќаме на чувството на авторот. Што тој чувствува дека треба да стави во една ваква збирка каде што првите раскази имаат една две реченици, а последните до кај 10 илјади зборови. И сега кога конечно целата таа збирка од навистина различни приказни од Приказничарот ќе ја добие наградата „Стале Попов“ за мене е огромно задоволство и чест бидејќи иако е малку подзаборавен, Стале Попов е една од најпознатите фигури на нашата раскажувачка уметност, бидејќи создава и се инспирира локално од Мариово, Прилеп, но неговите пораки се универзални. Повикуваат на таа мисија – раскажувањето да не биде само забава, туку и да поттикнува на промени. Ако успеат и овие приказни од Приказничарот да бидат во дослух и да адресираат слични цели како литературата на Стале Попов, јас мислам дека сосема е оправдана наградата и допирот на оваа книга до својата публика“, изјави Кујунџиски.

Добитничката на „Мост“, Гордана Јовиќ-Стојковска, која се закити со наградата за делото „Беше еднаш една куќа“ (Била једном једна кућа), зборуваше за симболиката на куќата.

„Речиси во сите романи уживам да си играм со митологија и со нашето минато, но со денешнината, т.е. денешните настани – сè што нè опкружува, сè што живееме и да барам некое потекло. Ова е приказна за тајната на куќата. Значи, тајната на куќата е она што го имаме во себе. Ние сме куќа и нашата куќа е онаква каква што ние ќе ја направиме и како што ќе ја осмислиме. Книгата би ја поделиле во два дела, еден футуристички каде што е вештачката интелигенција, современата технологија, којашто денес ја живееме, и веќе не сме свесни колку тоа рапидно брзо се одвива, а другата е сместена некаде пред седум-осум века кога се градеа куќи со камен, куќи за заштита, за очувување на иднината и на крај е поврзување на тоа тогаш и ова денес“, додаде Јовиќ-Стојковска.

Во контекст, пак, на чествувањето на 78- годишнината на ДПМ, актуелниот претседател Живко Грозданоски, прашан за неговата визија околу развојот на писателската асоцијација посочи дека „од тука сè може нагоре“.

„Од одржувањето на Собранието на 1 јуни лани, па навака се движиме само нагоре. Верувам и сите заедно веруваме дека друштвото може да се развива во уште понагорна линија. Се остваруваат соработки, не само со македонски институции, и со странски здруженија на писатели, членство во европскиот писателски совет кој веќе го имаме, а треба да се обнови, во многу фондови може да се аплицира, меѓународни проекти, гостувања, размени, преводи“, истакна Грозданоски. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ