Општина Карпош ќе ги награди професорите тренери од основните училишта, како и индивидуално прогласените ученици спортисти, за постигнатиот успех на училишните спортски игри „Карпош 2024 година“.

Ќе бидат доделени парични награди на тројца професори тренери по физичко и здравствено образование за освоено прво место на училишна екипа, и тоа по 8.000 денари, на тројца професори  тренери за освоено второ место, по 6.000 денари и на тројца професори тренери за освоено трето место, по 5.000 денари.

Десетмина основци од Карпош што се прогласени за најдобри спортисти во рамките на училишните игри, ќе добијат парична награда од Општината во висина од 6.000 денари. Оваа одлука е донесена на последната седница на Советот на Општина Карпош.

Советот на Општина Карпош даде зелено светло и за предлог-одлуката со која Општина Карпош ќе ѝ додели еднократна финансиска поддршка во висина од 100.000 денари на Македонската спортско-качувачка федерација, која неодамна го организираше најголемиот натпревар во спортско качување – „Атомска мравка“, во рамките на алпинистичката карпа близу кејот на реката Вардар.

Финансиски ќе бидат наградени и општинските административци од Карпош, кои воедно се и членови на Синдикатот, за постигнатиот успех – севкупен победник на 29. Синдикални спортски игри, кои се одржаа минатиот месец во Охрид. Со одлука на Советот, Општина Карпош ќе му додели еднократна финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на фудбалскиот клуб „Карев“, за организирање спортски настан и ревијален натпревар по повод одбележувањето на роденденот на клубот.

Општина Карпош ќе им додели по 20.000 денари, поединечно, на сите десет основни училишта на своја територија, за одбележување на 1 Септември – Денот на првачињата. Со овие средства, основните училишта ќе организираат соодветна забавна програма и активности по повод приемот на првачињата.

Со одлука на Советот, Општината ќе му додели на секое основно училиште и по 10.000 денари, како поддршка на проектот за меѓуетничка интеграција во образованието (МИО). Училиштата ќе ги искористат овие средства за разновидни обуки, организирање на спортски игри, превоз, за поттикнување на соработката и дружењето меѓу учениците од другите општински училишта во кои се одвива наставата на македонски и на други јазици што се зборуваат во образовните установи.

Општина Карпош, традиционално, ќе им додели финансиски средства во износ од 10.000 денари на 10. полуматуранти – првенци на генерацијата за учебната  2023/2024 година. Целта е основците да бидат наградени за својот успех и на тој начин да се мотивираат за напредокот во понатамошното образование.

Локалната самоуправа ќе ги награди со 60.000 денари поединечно тројцата припадници од полициската станица Карпош кои на 30.1.2024 година, по претходна пријава за повредено лице на падините на планината Водно, се упатиле кон тешко пристапниот терен. По половина час, тие успеале да го пронајдат повредениот и веднаш да му укажат прва помош.

На поддршка од советниците наиде и едногодишниот краток Акциски план за 2024 година, за спроведување мерки и активности дефинирани со Локалниот еколошки акциски план (ЛЕАП 2). За таа намена, во програмата за работа на Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош за 2024 година е предвиден буџет во висина од 3.000.000 денари.

Мнозинска поддршка доби и предлог- одлуката за изработка на ЛЕАП 3 на Општина Карпош за периодот 2025-2030 година. Исто така, беше изгласана и одлуката за прифаќање на донација од Друштвото за градежништво и услуги „Бахаш констракшн“ ДООЕЛ Скопје, во висина од 767.000 денари. Станува збор за донација – изработка на основен проект за дел од улиците во УПС Бардовци, како и проектна документација за фекална канализација на тој потег.

Советниците ја изгласаа одлуката за поставување спомен-обележје на Сојузот на борците на Општина Карпош. Локалната самоуправа се обврзува да ја дефинира локацијата на која ќе биде поставено спомен-обележјето и да плати одреден паричен надоместок за негова изработка.

На седницата, советниците присуствуваа и на презентацијата на „студијата за урбаната дендрофлора во Општина Карпош – состојба во 2023 година, како и  на физибилити студијата за формирање општинско јавно-приватно партнерство, јавно претпријатие или трговско друштво за производство и дистрибуција на електрична енергија од фотоволтаични системи во Општина Карпош.

(А.П.)