Награди за најдобрите основци и средношколци на државни, меѓународни и на олимписки натпревари

14

Општина Велес ги награди најдобрите ученици од основните и од средните училишта во градот.

За освоено прво, второ и трето место на државни, меѓународни и на олимписки натпревари во учебната 2023/2024 година, градоначалникот Марко Колев им врачи признанија на 76 ученици од основните училишта и на 40 ментори наставници. Им врачи признанија и на 30 ученици од средните училишта и на 18 ментори за постигнатите успеси во изминатата учебна година.

– Општината одлучи да ги награди овие ученици за да ги мотивира и за да ги охрабри да продолжат по истиот пат, по патот на успехот. Им честитам на сите наградени ученици и, секако, на нивните ментори за вложениот труд и за постигнатите резултати – истакна Колев.

Иницијативата да се наградат учениците што постигнале успеси и надвор од воспитно-образовниот процес и школските активности е на градоначалникот Марко Колев, со тенденција да стане традиција и своевиден поттик за учење, творење и за постигнување резултати.

Наградите беа врачени во чест на одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на Велес, 9 Ноември.