Наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади е востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка на семејството на Оливера Николова (1936 – 2024), а целта е зачувување на името на писателката, но и ревитализација на еден од жанровите во кои создаваше. Од 11 март, денот на нејзиното раѓање, е отворен и првиот конкурс за наградата што ќе трае до 11 јуни, а добитникот годинава ќе биде објавен во септември
„Оливера Николова“ е насловена наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади, која се востанови во чест на големата македонска авторка и „мајката на сите македонски писателки“, на денот на нејзиното раѓање – 11 март. Од 11 март е отворен и првиот конкурс за наградата што ќе трае до 11 јуни, а за добитникот, што ќе биде објавен во септември, годинава ќе одлучуваат реномираните Оливера Ќорвезироска, уредничка и писателка, Весна Мојсова-Чепишевска, универзитетска професорка и Јагода Михајловска-Георгиева, писателка, како членови на жири-комисијата. Наградата е воспоставена од издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка на семејството на Оливера Николова (1936 – 2024), а целта е зачувување на името на писателката, но и ревитализација на еден од жанровите во кои создаваше – романот за деца и млади. Ова беше речено на прес-конференцијата што се одржа денеска, на роденденот на македонската писателка Оливера Николова, прв без нејзиното физичко присуство меѓу нас, а на која присуствуваше и нејзината ќерка Јана Андреевска.
Како што посочи Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс Ламина“, со наградата треба да ја зачува и продолжи големата книжевна традиција што ја остави Оливера Николова.
-Нејзиниот придонес во македонската литература, а особено во романот за деца и млади, е немерлив. Со своите дела таа внесе автентичност, емоционална длабочина и хуманост, кои и денес инспирираат генерации читатели. Нашата мисија е да го поддржиме овој книжевен жанр, да му дадеме нова сила и да поттикнеме автори кои ќе ја продолжат оваа традиција. Романот за деца и млади има клучна улога во обликувањето на карактерот, во развојот на емпатијата, во отворањето нови светови за најмладите, додаде Бугариска.
За Оливера Ќорвезироска, уредничка во „Арс Ламина“ и член на жирито, наградата и конкурсот имаат двојна мисија – да се сочува континуитетот на Оливера Николова, значајно име во македонската книжевност и да се реафирмира, репозиционира жанрот роман за деца и млади што беше една од активностите, од жанровите во којшто работеше и во којшто остави исклучително значајни дела.
-Овој нов конкурс не загрозува, ниту се натпреварува со ниту една постојна награда, напротив, придонесува за богатството и квалитетот на македонскиот книжевен живот… Би ја парафразирала изреката на Достоевски за Гогољ: Сите ние сме излезени од шинелот на Оливера Николова. Таа беше и е книжевна мајка на македонските писателки. И воопшто не е важно кој го кажал тоа прв, Лилјана Дирјан, Кица Колбе, Јагода Михајловска-Георгиева, Лидија Димковска, јас или некоја сосем друга авторка. Важно е дека тоа го чувствуваме сите. Речиси сите одевме на книжевна причесна кај Оливера Николова. Ѝ ги носевме своите книги, во ракопис или тазе објавени. Оваа награда нека биде причесна за македонската книжевност. Се надевам дека со наградата што го носи нејзиното име барем малку ќе ѝ се оддолжиме за сето тоа што таа го направи за нас и за современата македонска книжевност – рече Ќорвезироска.
На прашањето на весникот ВЕЧЕР дали недостатокот на квантитет и квалитет на романи за деца и млади во македонската книжевност бил уште еден поттик за воспоставување на наградата, Ќорвезироска со потврден одговор.
– Последните години сме сведоци дека романот за деца и млади како да го снема, малку се работи во таа насока. Само наградата „Ванчо Николески“ е за книжевност за деца, таа е многу значајна и не сакаме да ја загрозиме, туку сакаме да ја збогатиме. Нашиот конкурс ќе донесе квалитетни наслови кои бездруго ќе учествуваат и на постојните награди, посебно на наградата „Ванчо Николески“. Не дуплицираме, не загрозуваме никого – само збогатуваме. Освен да го сочуваме името на Оливера Николова, на еден најдостоинствен начин, очекуваме и да го поттикнеме жанрот за роман за деца и млади којшто е дефицитарен и којшто малку го запоставивме, за што како писатели сите сме виновни. Во таа трендовска еуфорија за сликовници, во таа еуфорија за хибридизација на романот за возрасни, романот за деца и млади некако како да ни протече низ раце. Ајде да го вратиме таму каде што му е местото, истакна Ќорвезироска.
Професорката Весна Мојсова-Чепишевска, пак, ја искажа среќата за идејата за воспоставување на наградата.
-Со наградата Оливера ќе живее, жал ми е што ја немавме на овој прв конкурс. Наградата ќе биде поттик за сите пишувачи на книги за деца. Жанрот е многу важен – роман за деца, но и роман за млади. Оливера има извонреден роман кој се вика „Девојките на Марко“, кој е на граница меѓу роман за деца и роман за млади, што беше филмуван како ТВ-серија. Се смета дека талентот на еден писател доаѓа до израз тогаш кога пишува за деца. Мислам дека е најтешко да се пишува за деца, а ќе се покаже дека е уште потешко да се пишува за млади. Ако на младите не им дадеме нови книги – ќе заборават да читаат, ќе заборават да бидат читатели на возраст од 13 до 15 години, посебно да бидат читатели во средните училишта, каде што младите, за жал, најмалку читаат, истакна Мојсова-Чепишевска. Професорката која на своите предавања често зборува за делата на Николова, додаде дека речиси секоја академска година ја започнува со нејзиниот расказ од „Зоки Поки“ – „Со што може да се купи сиот свет“ и воодушевувањето од детската перцепција на ова прашање. На оние кои ќе конкурираат им посочи да се осврнат на едноставноста, игривоста и дидактичноста, како три значајни елементи за едно дело за деца и млади, а кои беа присутни во делата на Николова.
Со големи емоции на прес-конференција говореше и писателката Јагода Михајловска-Георгиева, која рече дека конкурсот и наградата ќе поттикнат многумина.
-Никогаш не сум се израдувала така, ни за сопствена награда, како сега, кога ме повикаа да бидам член на жири-комисијата. Со восхит, задоволство и радост сега сум член, иако најчесто не сакам да бидам. Ова е голем предизвик и прекрасна идеја. Оливера ми беше светла точка и во мојот приватен и професионален живот, додаде Михајловска-Георгиева и раскажа случка кога почнала да пишува роман за деца, а Николова ѝ дала совет дека треба да пишува онака како ќе ѝ дојде однатре, и да не мисли на ништо друго.
Со уште посилна емоција и со солзи во очите, кои не можеше да ги задржи, пред присутните се обрати и Јана Андреевска, ќерката на Оливера Николова, која се заблагодари за иницијативата за востанувањето на наградата која го носи името на нејзината мајка.
-Мајка ми многу сериозно ја сфаќаше литературата за деца. Таа многу сакаше да открива нови писатели, нови таленти и многу сакаше да ги поттикнува сите да пишуваат и да се неуморни во тоа. Уверена сум дека како што е осмислена оваа награда, ќе придонесе за тоа за што таа се залагаше и на тој начин ќе биде присутна меѓу нас, рече таа.
Инаку, на конкурсот право на учество имаат сите полнолетни лица кои ќе пратат необјавен ракопис – роман за деца и млади, напишан на македонски јазик и со кирилско писмо. Можат да конкурираат необјавени романи (ракописи) за деца и млади, во должина од 2 до 5 авторски табаци (од 32 до 80 страници), што ќе ги достават самите автори по електронска пошта на [email protected]. Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на „Арс Ламина“. Одлуката за првиот добитник ќе биде објавена во септември 2025, а од идната година (2026), тој ќе се знае на 11 март. (Н.И.Т.)