Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, ги повика жителите од улицата „Народни херои“, кои излегоа на мирен протест поради интензивното извршување на градежни активности на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија за приклучување на домаќинствата на топлинска мрежа, соопштија од Општина Кисела Вода.
За изнаоѓање на заедничко решение, Ѓорѓиевски го повикал на средба со граѓаните и директорот на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија, Петар Милетиќ, по што заедно излегле на терен и извршиле увид во работните активности.
–Спорот кој граѓаните од улицата „Народни херои” го имаа со ЕСМ Топлификација, сега е надминат. Во мојот кабинет ги повикав граѓаните кои го изразија своето незадоволство преку мирен протест за проблемот околу ископувањето на ЕСМ за приклучоци на домаќинствата на топлинска мрежа. Го повикав на разговор и директорот Петар Милетиќ за и тој да го слушне она што имаат жителите на таа улица да го кажат. Излеговме на терен, на самото место да извршиме увид во работните активности и да најдеме заедничко решение кое ќе биде прифатливо за сите – се наведува во соопштението.
Од Општина Кисела Вода информираат дека директорот на ЕСМ, Милетиќ, ќе ја забрза динамиката на работа, со цел побрзо да се направи приклучокот на домаќинствата на топлинска мрежа, притоа, ќе им биде овозможен пристап на жителите до своите домови.