Од „големата тројка“ во тенисот, остана само уште Новак Ѓоковиќ. Само српскиот тенисер сè уште се бори за нови титули, за 25. грен- слема во кариерата, што ќе се обиде да го оствари во тековната сезона. Швајцарецот  Роже Федерер веќе некое време е во пензија, а Шпанецот Рафаел Надал лани го закачи рекетот.

Рафа неодамна беше гостин во поткастот на поранешниот американски тенисер, Енди Родик, и зборуваше на различни теми. Една од нив беше она што им го оставија тие тројца на новите генерации и на оние што доаѓаат, пред сè на Карлос Алкараз и на Јаник Синер.

Неговиот долг одговор за односот што го има со Србинот и со Швајцарецот, можеби, најдобро може да се илустрира со тоа како се однесуваа тие додека беа лути противници на теренот.

– Ние, како ривали, му покажавме на светот дека можеме да бидеме најголеми противници и во исто време да бидеме колеги. Не велам дека сме најдобри пријатели, но постои добар личен однос, што е позитивен пример за следната генерација и јас сум горд за тоа. Ние пораснавме со тоа неверојатно ривалство, ние не се боревме, ние не ја губевме перспективата. Тоа ѝ помогна на новата генерација да разбере дека не мора да го мразиш својот противник, можеш да го почитуваш, да го цениш. Не мора да ги мразиш за да го дадеш најдоброто од себе – рече Надал.

Иднината на светскиот тенис ја претставуваат Карлос и Јаник. Тие двајца ќе се обидат да го надополнат заминувањето на легендите, да бидат оние поради кои ќе се купуваат повеќе билети. Рафа зборуваше и за нивните квалитети како луѓе.

– Карлос е одлично момче, има одлично семејство, со вредности. Тие се добри луѓе и тоа е факт. Затоа мислам дека Алкараз е таков, воспитан од дома.

Шпанецот не сакаше да зборува премногу за проблемите на Синер со допинг-скандалот, туку сосема малку го спомена.

– Истото го гледам и во случајот со Ига Швјонтек. Но, Синер помина низ тежок процес во последната година и пол. Новата генерација големи играчи е тука и таа ќе помогне да расте овој убав спорт и да добие нови обожаватели – заклучи Надал.

 

 

ИЗДВОЕНИ