Над 600 граѓани го користеле бесплатниот превоз за Ниже Поле и за Копанки

49

Над 600 граѓани, меѓу кои најголем број млади лица што беа на зимски распуст, го искористиле бесплатниот превоз до скијачките центри „Ниже Поле“ и „Копанки“, организиран од Општина Битола, во соработка со ЈП „Пелалинк“.

– Општина Битола, во соработка со ЈП „Пелалинк“, ЈП „Стрежево“, хотелот „Молика“, со поддршка и на приватниот сектор „МИГ Травел“, организираше бесплатен превоз за сите оние што сакаа да уживаат во снежната белина. Над 350 посетители на ски-центарот „Ниже Поле“ и над 250 кај хотелот „Молика“ и на Копанки уживаа во овие настани, дел од зимскиот распуст. Се надевам дека и наредните години, но и во текот на летниот распуст, ќе ги продолжиме овие активности, затоа што е добро за секое дете, но и за секој возрасен, да избега малку од градскиот метеж и да ужива во овие пространства – изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Според него, ваквиот начин на функционирање создава можност за сите вљубеници во зимските спортови, но и за оние што сакаат зимски прошетки во чиста и убава природа, без дополнителен трошок и без тешкотии за организирање превоз да стигнат до скијачките центри и да уживаат во снежните убавини на Ниже Поле и на Копанки.

Од друга страна, нагласи Коњановски, на овој начин се зајакнува љубовта на младите кон природата, но и нивната одговорност. Градоначалникот Коњановски најави дека во понатамошниот период Општината ќе ги разгледа можностите за почеста реализација на вакви активности.

 

ИЗДВОЕНИ