Над 10 % од починатите во земјава умреле од рак на белите дробови како резултат на загадувањето

Алармантни податоци од Извештај на ИЈЗ

96

Институтот за јавно здравје, во својот последен извештај за влијанието на загадениот воздух врз здравјето на луѓето, констатира дека околу 3.600 луѓе годишно умираат како резултат на аерозагадувањето, што е 16 % од вкупната смртност во државата. Истражувањето било направено во периодот од 2020 до 2022 година и според податоците, како последица на ПМ 2,5 честичките, починале 88 луѓе од рак на белите дробови, што е 10,7 % од вкупната смртност во Македонија.

– Загадувањето на воздухот се смета за најголема еколошка закана за здравјето на луѓето во светот, предизвикува и влошува голем број болести, почнувајќи од астма до рак, белодробни и срцеви заболувања. Загадувањето на амбиентниот воздух и честичките, една од главните компоненти на загадениот воздух, се класифицирани како канцерогени за луѓето од страна на Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC). Луѓето во Македонија и воопшто луѓето од Балканот и во Источна Европа дишат потоксичен воздух, загаден со суспендирани честички, во однос на своите соседи од Западна Европа. Всушност, балканскиот регион е дом на многу единици со јаглен и со лигнит, како и на седум од десетте електрани со јаглен во Европа што најмногу загадуваат – пишува во извештајот на ИЈЗ.

Докторите од ИЈЗ очекуваат да продолжи загадувањето на воздухот, што ќе доведе до штетни ефекти за здравјето на граѓаните во земјава, луѓето ќе купуваат повеќе лекови, ќе отсуствуваат од работа и од училиште и ќе има предвремено губење на активните години од животот.

Докторите ги набројуваат заболувањата од загадениот воздух.

– Појавата и влошувањето на астмата, хроничната белодробна болест, ракот на белите дробови, инфарктот на миокардот, срцевата слабост, појавата на мозочни удари, зголемената смртност од тие заболувања и воопшто зголемената општа смртност, се најчестите исходи за здравјето како резултат на долготрајната изложеност на загаден воздух со РМ- честички. Исто така, постои растечко тело на докази, кое ги поврзува изложеноста на суспендираните РМ честички и појавата на дијабетес тип 2, оштетување на невролошкиот развој кај децата и невролошка дисфункција кај возрасните – пишува во извештајот на ИЈЗ.

Податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека загадувањето на воздухот убива околу седум милиони луѓе во светот секоја година. Девет од десет луѓе дишат воздух што ги надминува упатствата на СЗО, кои содржат високо ниво на загадувачи. Земјите со низок и со среден приход страдаат од најголема изложеност. СЗО тврди дека 56 % од градовите во земјите со високи примања не ги исполнуваат упатствата за квалитет на воздухот. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ