Во изминатите три години, повеќе од 3.500 пензионери од Центар добиле еднократна парична помош, а вкупно биле доделени над 10 милиони денари, со што значително се подобрил нивниот квалитет на живот.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека Општина Центар активно се грижи за своите највозрасни сограѓани преку реализирање различни проекти.
– Еден од тие проекти е и доделувањето еднократна парична помош кон крајот на годината, со што значително им помагаме во семејниот буџет на пензионерите, во пресрет на новогодишните празници. Во 2022 година, 1.410 пензионери аплицираа и добија еднократна парична помош во висина од 1.500 денари, а во 2023 година 1.575 пензионери добија по 2.000 денари еднократна парична помош. На последниот повик во 2024 година, 1.705 пензионери добија еднократна парична помош во висина од 2.500 денари, додека, пак, вкупната сума за три години изнесува 10.500.000 денари. Оваа поддршка значи повеќе сигурност и достоинство на нашите повозрасни сограѓани, кои ѝ го посветиле својот живот на изградбата на нашето општество. Продолжуваме со оваа иницијатива, животот е убав во секоја доба – нагласи Герасимовски.