Нацрт-законите за Охридско Езеро и Студенчишко Блато вратени на доработка

7

Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, информираше дека двата нацрта се вратени во почетна фаза од страна на собраниската комисија надлежна за заштита на животна средина заради дополнителна доработка на предлог-законите, со цел изнаоѓање на поквалитетни решенија во однос на заштитата на Охридскиот Регион и неговото исклучително универзално природно добро

 

Нацрт-законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV парк на природата, се вратени на доработка.

Како што информираше министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, двата нацрта се вратени во почетна фаза од страна на собраниската комисија надлежна за заштита на животна средина заради дополнителна доработка на предлог-законите, со цел изнаоѓање на поквалитетни решенија во однос на заштитата на Охридскиот Регион и неговото исклучително универзално природно добро.

Во однос на исполнувањeто на препораките на мисијата на УНЕСКО за заштитеното подрачје  Охрид, Меџити, истакна дека постапувајќи по Одлуката на Комитетот за светско наследство од Ријад, надлежните институции, вклучувајќи го и Министерството за животна средина и просторно планирање, ги спроведуваат препораките од Комитетот за светско наследство со цел намалување и отстранување на факторите кои негативно влијаат на квалитетот на животот на нашите граѓани.

– Визија споделена меѓу сите учесници е да се зачува исклучителната универзална вредност на доброто, препораките од Комитетот за светско наследство при УНЕСКО, кои силно инсистираа државите членки да ги имплементираат итните мерки за да се нагласат постојните закани и да се спречи појавата на нови закани кои би влијаеле врз исклучителната универзална вредност – посочи Меџити.

Со прогласувањето на Охридското Езеро за заштитено подрачје (споменик на природата) се овозможува заштита и зачувување на природната состојба на Охридското Езеро преку заштита и зачувување на живеалиштата и видовите од национално и Европско значење и заштита на другите природните вредности.

Исто така, се спречуваат дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, а се создаваат поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.

Охридско Езеро е едно од најстарите езера во светот и постои околу 2 до 3 милиони години. Заради исклучителните природни вредности Охридско Езеро е дел од Светското природно наследство на УНЕСКО. Охридско Езеро заедно со Студенчишко Блато е вклучено на Светската рамсар-Листа (2021).

(С.Бл.)