ЈП „Национални шуми“ планира опожарените дрва да ги продава по редовни цени за да се ублажат последиците од пожарите. За таа цел,  во годишните планови на ЈП „Национални шуми“ ќе се направат промени за да вклучи сеча на огревни дрва од опожарените површини. Досега беше пракса таквите дрва да се продаваат по пониски цени.

Заменик-директорот на ова ЈП, Кире Михаилов, вели дека тие дрва не се исчезнати и тие дрва ќе се сечат по редовна цена.

– Во моментот имаме дрвна маса на опожарените површини која ќе биде наш приоритет за сеча, иако не беше планирана во годишните планови. Сечата на овие дрва ќе се врши по редовна цена, не по намалена како претходно – изјави Михаилов.

Тој го спомена пожарот на Огражден во Струмичко, каде што биле опожарени околу 700 хектари шумска површина со штета од околу 7,5 милиони евра на дрвната маса. Поради тоа, наместо сечата на дрва од Беласица ќе се фокусираат на Огражден.

– На Огражден имаме околу 12-13 илјади кубни метри огревно дрво зафатено со пожарот. Наместо пониски, ќе се стремиме да инкасираме околу 5 до 6 милиони евра по нормална цена – додаде Михаилов.

До 1 август, опожарени се околу 60 илјади хектари шуми во земјата, со материјална штета од околу 26 милиони евра на дрвната маса.