Набавките течеле без да се праша „колку“, а се плаќало од народни пари 

45

Секој трет договор за јавна набавка е склучен во постапка во која учествувала само една фирма.

Со вакво отсуство на конкуренција, склучени се 5.045 договори во вкупна вредност од 283 милиони евра. Ова е утврдено во извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени од јануари до јуни 2023 година, како и индексот на рационалност, каде што се споредени цените по кои различни институции набавувале сосема ист производ или услуга, во случајов услуги за заловување и стручен третман на кучињата скитници, кој вчера го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Според извештајот, се намалува просечниот број понуди во јавните набавки, кој во мониторираниот период паднал на 2,8, наспроти 3, колку што изнесувал во 2022 година.

– Истражувањето на цените на тендерите за третман на кучињата покажува многу ниска конкуренција од само 1,5 понуда на тендер. За некои услуги, како што е „еднодневен престој на куче во прифатилиште“, највисоката цена е 244 % повисока од просечната, а за друга услуга – „заловување, транспорт до амбуланта и враќање“, највисоката цена е за 12,5 пати повисока од најниската – се наведува во извештајот.

Мониторингот покажува дека отсуството на конкуренција е особено загрижувачко во здравството.

– Одлуките што се донесуваат при спроведувањето на јавните набавки не се соодветно и прецизно образложени, што фрла сомнеж врз објективноста и законитоста на постапувањата. Ова, главно, се однесува на одлуките за отфрлање на доставените понуди и за поништување на тендерите – стои во извештајот.

Притоа, во значаен дел од постапките не се утврдувале количините на она што се набавува, со што се оневозможува фирмите да понудат пониски цени за поголеми количини на набавка. Ова овозможува манипулација и злоупотреби во фазата на реализацијата на договорите.

Не помалку скандалозни тендери во четири очи склучувале и државните електрани.

– Во нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување оглас, во првото полугодие од 2023 година се склучени договори во вкупна вредност од околу 11 милиони евра. Дури 91 % од овие договори се склучени во преговори со само една фирма. Најголема вредност на овој вид договори има АД Електрани – наведуваат од ЦГК.

Притоа, набавките течеле без да се одговори на прашањето „колку“, а се плаќало од народни пари.

Центарот за комуникации забележува и дека секторот за контрола во Бирото за јавни набавки, наместо да се зголемува, се намалува. За три години, бројот на вработени во овој сектор бил намален од 12-мина на 8-мина вработени.