Тријадата ученик – учител – родител е светото тројство на образовниот систем, порача професорката Татјана Алексиќ и ги потсети учениците дека одговорното учење со љубов носи заслужени оценки. – Само заслуженото носи среќа. Среќата е во трудољубието. Трудољубието нè возљубува! Возљубениот човек е полн со морални вредности. Вредностите се во интегритетот. Интегритет значи свесност, целовитост и прифаќање различност. Прифаќањето различност е превенција за насилство. Само овие вредности не се учат за оценки. Само за нив нема кој да ве испраша. Ако научите да ги применувате, сте научиле да живеете. За уметноста на живеењето, оценувач е времето… – порача професорката, која важи за една од омилените меѓу своите ученици |
Првото училишно ѕвоно го означи почетокот на новата учебна година во сите основни и средни училишта. Учениците седнаа во училишните клупи, наставниците ги зедоа дневниците, а родителите го одврзаа ќесето, сите со надеж дека годинава ќе биде поуспешна од ланската. Тријадата ученик – учител – родител е светото тројство на образовниот систем, порача професорката Татјана Алексиќ и ги потсети учениците дека одговорното учење со љубов носи заслужени оценки.
– Само заслуженото носи среќа. Среќата е во трудољубието. Трудољубието нè возљубува! Возљубениот човек е полн со морални вредности. Вредностите се во интегритетот. Интегритет значи свесност, целовитост и прифаќање различност. Прифаќањето различност е превенција за насилство. Само овие вредности не се учат за оценки. Само за нив нема кој да ве испраша. Ако научите да ги применувате, сте научиле да живеете. За уметноста на живеењето, оценувач е времето… – порача професорката, која важи за една од омилените меѓу своите ученици.
Џагорот во училишните клупи не ги покри проблемите со кои се соочува и новата генерација. Новата учебна 2024/2025 почна за 245 илјади ученици во основните и во средните училишта, број што е намален за 17 илјади во последните седум години.
– Во истиот период, бројот на првачиња е намален за околу 3.500 илјади. Ова е погубно и разочарувачки и е резултат на лошите политики, не само во образованието туку во сите општествени сегменти – дополни министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Таа најави одложување и на новата концепција за основно образование за учениците од седмо, осмо и за деветто одделением поради, како што рече, незадоволството на наставниците околу интегрирањето на предметите.
Првиот училиштен ден помина и со проблеми поради најавите за редуциран јавен превоз, па малкумина стигнаа до училишниот двор со градски автобус. Секој се снајде како знаел и умеел. Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, која ветуваше пред три години бесплатен јавен превоз за сите, не успеа да ги реализира ветувањата, туку пред почетокот на учебната година побара Министерството за финансии да го процесира налогот на Град Скопје за исплата на регрес за годишен одмор на наставниците под надлежност на Градот, за што биле испланирани и обезбедени финансиските средства во буџетот на Град Скопје за 2024 година.
Оваа учебна година, наставата за основците и за средношколците нема да трае подолго од 10 јуни и тие нема да имаат пролетен распуст. Според резултатите од анкетата спроведена меѓу наставниците, родителите и учениците, повеќето се изјасниле дека не е неопходен таков распуст. Зимскиот одмор за учениците започнува на 31 декември, а завршува на 19 јануари. Летниот, пак, започнува на 11 јуни, а завршува на 31 август.
Инаку, позитивна вест е дека за прв пат по седум години, учебната 2024/2025 година почнува за 245 илјади основци и средношколци со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата – десетина нови наслови во основното и над 100 во средното образование, кои досега не биле испечатени. Се воведува и едносменска настава во 140 училишта, а како поддршка на учениците со попреченост ќе бидат ангажирани над 1.000 образовни асистенти.
На родителите, пак, ќе мисли премиерот Христијан Мицкоски. За да им се олеснат трошоците, најави дека на денешната владина седница ќе воведат ограничување на цените.
Првиот училиштен ден спремно го дочекаа и општините. Најголем дел од нив летово ги реновираа и ги дезинфицираа училиштата, а некои и ги проширија капацитетите. Градоначалниците присуствуваа на првиот училиштен час, а првите луѓе на Кисела Вода и на Ѓорче Петров, Орце Ѓорѓиевски и Александар Стојковски, на сите првачиња од својата општина им подарија ранци со училиштен прибор.
Инаку, пред почетокот на наставата во основните и во средните училишта во Битола, како и во повеќе скопски општини, беше интонирана химната на Македонија.