По само една извозена трка во Формула 1, Лијам Лосон го доби првото предупредување од тимот на Ред бул.

Лосон е новиот возач на Ред бул и потсети на тенденцијата на тимот да отпушта возачи доколку веднаш не ги исполнат очекувањата во Формула 1. Новозеланѓанецот имаше екстремно лош прв тркачки викенд со тимот од Милтон Кејнс, кој кулминираше со судир и завршување на трката во 47. круг од предвидените 57.

Пред тоа, Лосон беше далеку побавен од тимскиот колега и актуелен шампион, Макс Верстапен, во текот на првите два слободни тренинзи на „Алберт парк“ во Мелбурн. Тоа беше патека на која 23-годишникот никогаш претходно не возел, беше единствениот возач на стартната листа во таа ситуација, но предолго му требаше да го најде вистинскиот ритам.

Проблемот со доводот на воздухот го попречи на третиот тренинг, а хаотичните квалификации, слично како Серхио Перез, го оставија надвор од второто квалификациско коло, што, секако, беше грижа за неговиот нов тим.

Мартин Брандл ги истакна сите грешки што го обележаа викендот на Лосон во Мелбурн, нагласувајќи колку ќе му значи тоа што веднаш следува кинеското гран- при.

  • Конкретно, Лијам Лосон од Ред бул ќе биде многу задоволен што веднаш влегуваме во нова тркачка недела за да може брзо да ги заборави сите лоши работи и грешки што ги направи во Мелбурн и за да ги поправи – напиша Брандл за „Скај спортс Ф1“.

Поранешниот Ф1-возач и сегашен коментатор потсети и на познатата тенденција на шампионите кај конструкторите да се ослободат од возачите што не ги исполнуваат стандардите.

Брандл спомена дека тимот често ги отпушта возачите.

  • Тој тим не практикува прегратки и зборови на утеха, ниту треба на ова ниво. Веднаш дели откази, освен ако не можете, барем повремено, да го држите Верстапен на врвот – вели Брандл.

ИЗДВОЕНИ