На „вооружување“ на борците на Хезболах со експлозивни пејџери Мосад работел цела деценија!

109

Израелските оперативци, наводно, успеале да продадат над 16.000 експлозивни воки-токи на милитантната група Хезболах, со седиште во Либан, и тоа по добра цена. Израелските разузнавачки служби не застанале тука, па ги таргетирале уредите што членовите на Хезболах би ги имале „во секое време“. Идејата наводно не била да се убива, туку да има повредени кои би биле жив доказ дека борците на Хамас се ранливи Израелската разузнавачка агенција Мосад се подготвувала повеќе од една деценија за да ја спроведе операцијата со експлозии на пејџери и воки-токи низ Либан во септември, објави ЦБС Њуз, откако интервјуираше двајца неодамна пензионирани високи агенти кои наводно ги воделе напорите.

Именувани како Мајкл и Габриел тие за телевизијата говорат сокриени зад ски-маски и очила за сонце за да останат анонимни. Според нивните изјави, Мосад прво почнал да работи со воки-токи, на дизајнирање батерија, која во себе има експлозивна направа. Подоцна агенцијата се инфлитрирала во синџирот на снабдување преку низа лажни компании за да ги сокрие трагите.

– Создаваме лажен свет. Ние сме глобална продукциска куќа, го пишуваме сценариото, ние сме режисерите, ние сме продуцентите, ние сме главните актери, рече еден од поранешните агенти за ЦБС.

На крајот, израелските оперативци, наводно, успеале да продадат над 16.000 експлозивни воки-токи на милитантната група Хезболах со седиште во Либан и тоа по добра цена. Израелските разузнавачки служби не застанале тука, па ги таргетирале уредите што членовите на Хезболах би ги имале „во секое време“.

Двајца поранешни агенти велат дека агенцијата спровела бројни тестови за да ја утврди точното количество на експлозив потребна за да се повреди сопственикот на пејџерот, без речиси никаква колатерална штета.

Но, уредите дизајнирани од Мосад, наводно, немале разузнавачки способности и не можеле да се користат за следење или надзор. Кога Мосад дознал дека Хезболах купува такви уреди од тајванската компанија „Голд Аполо“ основал повеќе лажни компании, вклучувајќи и една во Унгарија, за да го привлече „Голд Аполо“ на соработка без со него да ги сподели своите планови. Шпионската агенција целосно ги произвела пејџерите кои потоа беа продадени преку нејзиното лиценцирано партнерство со „Голд Аполо“.

Еден од агентите раскажува дека за да може да се сокрие експлозивот уредот требало да биде поголем од обично.

– Се сеќавам на денот кога дојдов кај нашиот директор и го ставив апаратот на маса. Тој беше бесен велејќи дека нема шанси некој да купи толку голем уред што не е за в џеб и премногу е тежок, раскажува поранешниот агент.

Две недели подоцна, продолжува тој, успеал да го убеди шефот на шпионажата да ја одобри мисијата. Мосад потоа користел лажни реклами на Јутјуб за да лансира нов пејџер, цврст, отпорен на прашина и вода и со долг век на батеријата.

-Направивме рекламни филмови и брошури, ги ставивме на интернет и стана најдобриот производ во категоријата пејџер во светот, се сеќава тој.

Разузнавачката служба дури ангажирала и продавачка од компанија која се занимавала со Хезболах за да го промовира нивниот производ.

– Кога Хезболах купуваше од нас, тие немаа поим дека купуваат од Мосад. Правевме нешто како „Труман шоу“, контролиравме сè зад сцената. Од нивна перспектива, сè изгледаше нормално. Сè беше стороцентно легално, вклучително и бизнисмените, маркетингот, инженерите, изложбениот салон, сè, изјави агентот.

До септември 2024 година, движењето на Хезболах со седиште во Либан имало околу 5.000 пејџери во свои раце. Наспроти убиствата, според признанието на агентите напорите биле насочени единствено кон заплашување на непријателите. Тие повеќе пати ги тестирале уредите за да се уверат дека штетата би била минимална.

-Ако го притиснеме копчето, единственото лице што ќе биде повредено е терористот. Дури и ако неговата сопруга или ќерка стојат до него, само тој ќе биде повреден. Сакавме тие да се чувствуваат ранливи, што и се, вели поранешниот оперативец на Мосад.

Другиот агент изјавува дека разузнавачката агенција сакала луѓето фатени во таа замка буквално да послужат како живо предупредување за противниците на Израел.

-Овие луѓе без раце и очи се жив доказ, шетаат низ Либан, не плеткајте се со нас, изјави тој за ЦБС.

Во нападите со пејџери и воки-токи на 17 септември загинаа најмалку 42 лица, меѓу кои 12 цивили, а беа повредени повеќе од 3.500 луѓе, меѓу кои и жени и деца. Тел Авив со месеци негираше каква било вмешаност во тие инциденти, сè додека премиерот Бенјамин Нетанјаху не ја презеде одговорноста за нападите во средината на ноември. Шемата предизвика меѓународна осуда.

ИЗДВОЕНИ