Жителите од населеното место Кирил Петрушевски во Општина Гази Баба реагираат за честите сообраќајни незгоди што се случуваат на улицата „Вера Радосавлевиќ“. Пред да настрада некој, бараат да се постават легнати полицајци и го повикуваат градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, да побара од МВР контрола во тој дел. Според жителите, причината за сообраќајните незгоди е тоа што се вози по оваа улица и со брзина поголема од 150 километри на час. Од Општина Гази Баба објаснуваат дека по барање на МЗ „Кирил Петрушевски“, издале налог до економски оператор за поставување легнати полицајци
Жителите од населеното место Кирил Петрушевски, кое се наоѓа во Општина Гази Баба, реагираат за честите сообраќајни незгоди што се случуваат на улицата „Вера Радосавлевиќ“. Велат дека за овие три месеци од годинава, се случиле три сообраќајни незгоди, за среќа без повредени лица.
Стравуваат од тоа дека еден ден со автомобил ќе им влезат во куќа и дека не можат ниту слободно да се движат по улицата. Пред да настрада некој, бараат да се постават легнати полицајци и го повикуваат градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, да побара од МВР контрола во тој дел.
Според жителите, причината за сообраќајните незгоди е тоа што се вози по оваа улица и со брзина поголема од 150 километри на час.
– Оние што возат со толкава брзина во населено место, воопшто не се за жалење. Само казни и одземање на дозволите доживотно за да не убиваат невини луѓе по улиците. Овие се потенцијални убијци – коментира Валентина.
Благуна Насевска реагира дека оваа улица не е автопат, ниту булевар, туку е маалска улица на која се движат стари лица, играат деца.
– Ние израснавме на таа улица со игри, тогаш немаше ниту беснеење, ниту „чаталење“ – вели Насевска.
Таа додава дека пред неколку месеци, исто така, се случила сообраќајна незгода, кога некој удрил во паркиран автомобил на соседите. Претходно, удриле во оградата на куќа и ја урнале.
– Брзаат, летаат. Ве молам, да се преземе нешто пред да настрада некој. Сè додека штетите се материјални, има можност за тоа – повикува Насевска.
Од Општина Гази Баба велат дека во изминатиов период, на повеќе локации на нивна територија, интервенирале согласно со своите надлежности, а поврзано со хоризонталната и со вертикалната сообраќајна сигнализација.
Што се однесува до посочената локација, оттаму објаснуваат дека по барање на МЗ „Кирил Петрушевски“, издале налог до економски оператор за поставување технички забавувачи на сообраќајот, познати кај граѓаните како легнати полицајци.
Општинските власти апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат законските регулативи за ограничување на брзината на управување со моторно возило во населено место.
(А.П.)