На „Валандово фолк-фест 2025“ исклучиво со македонските музички ѕвезди: Тамара Тодевска, Сузана Спасовска, Каролина Гочева….Водители се Ирена Спировска и Ѓорѓи Калајџиев

103

Општината Валандово оваа година им ја откажа „љубов“ на екс-југословенските пејачи!                                                                                                                     „Мерак на душава“ вака вели во својот наслов една од песните која ќе се натпреварува на овогодишново триесет и осмото по ред издание на „Фолк Фест Валандово”. А, меракот за Финалната вечер со 22 нови македонски песни, потенцијални хитови, (по примерот на: „Бисер балкански“, „Стариот џумбушлија“, „Во црно вино утеха нема“, „Дојди ми, Лено, на перниче бело“, „Има ли песна“, „Лихнида кајче веслаше“, „Ако згрешам, нека изгорам“…..) ќе се случи на 25 мај (недела) во свечената фестивалска сала „Јанко Узунов“. Но и во директниот ТВ-пренос на Македонската ТВ.

Пред тоа, исто така, во рамките на фестивалската програма ќе има концерти на главниот градски плоштад. Овој пат вредните организатори максимално се потрудија да донесат неколку звучни македонски музички имиња. Со тој потег им откажаа гостопримство или поточно кажано им ја откажаа „љубов“ на скапите екс-југословенски ѕвезди кои поранешните години имаа голема предност над македонските.

Па, така на првата вечер на 23 април, по 21 часот публиката ќе ја забавуваат две вистински пејачки имиња. Едната е од поп музиката, додека другата е од фолк музиката. Станува збор за Тамара Тодевска македонска евровизиска ѕвезда и Сузана Спасовска која на „Валандовскиот фолк-фест“ е присутна од неговите почетоци. Ги памтиме одличните песни кои Сузана ги има испеано во градот на калинките: „Стојане, стоте убиле“, „Столетна“, „Кога љуби мома млада“, „Зошто лажеш зошто мамиш“…

Наредната, втора фестивалска вечер ќе биде „резервирана“ за концертот на исто така македонска евровизиска ѕвезда Каролина Гочева. Таа не е од народниот мелос, но познати се и омилени нејзините успешни обработки на македонски народни песни кои со леснотија и задоволство на публиката ги пее како забавни балади. Така ќе биде најверојатно и на овој концерт на Валандовскиот плоштад на 24 мај.                    Освен Тамара, Сузана и Каролина фестивалската публика, во меѓувреме на Градскиот плоштад ќе ги забавуваат и: Кико Болеро со Болеро Бенд, Тајзи и Ike De Koka.

Според градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, подготовките за „Валандово фолк-фест 2025“ течеле во најдобар ред. Првата фестивалска конференција за медиумите е закажана за 7-ми мај во самото Валандово, на која секако е поканета и екипата на весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press                                              Водителите на фестивалските вечери се традиционално и проверено професионалните: Ирена Спировска и Ѓорѓи Калајџиев

-„Валандово фолк-фест“ не е само валандовска гордост, туку и национална, нашата македонска вредност. Не постои македонска веселба која може да помине без песни кои се испеани и коишто што се родени на таа фестивалска сцена во Валандово. Затоа, како градоначалник на Општина Валандово ги повикувам пред се граѓаните на Општината да бидеме мошне гостопримливи. На сите да им посветиме внимание. На гостите од различни професии кои ќе ни дојдат, на странските туристи, како и на акредитираните новинари. На фестивалот да му дадеме еден посебен македонско-медитерански белег, искрено порачува градоначалникот Костадинов.

(Д.М.)

 

ИЗДВОЕНИ