На духовен ден, Спасовден, на 29 мај за првпат оваа пролет, оваа година ќе се држи првиот Фолк-фестивал „Владимирово 2025“, на кој ќе настапат доајените легендите на македонската песна. Тој ден е воедно и слава на селото Владимирово (општина Берово). Владимирово е второ по големина село во Малешевијата и има еден од најголемите атари во Македонија. Зафаќа простор од дури 98,6 км2. Владимирското подрачје се протега на западниот брег на реката Брегалница со прилично голем дел од Малешевската Котлина.
Неговиот фолк-фестивал има пред се едукативен карактер и нема да има прогласување на победници. Сите учесници се рамноправни. Но, пред тоа на 26 април, оваа сабота, свечено ќе биде отворена луксузна Фестивалска сала, која ќе го носи името на диригентот Ванчо Чавдарски, кој потекнува од самото Владимирово.
На отворањето ќе настапат Камерниот Оркестар Скопски Солисти под раководство на професор Васил Атанасов со солистот Борис Трајанов, баритон со светска кариера.
Инаку, ова е конечен список на самите песни и на имињата на оние кои што ќе пеат: Драган Мијалковски – „Тука сум роден јас”, Круме Спасовски –„Мирна река тивко тече”, Зуица Лазова – “ Срце предавник”, Горан Кукиќ – “Голем мерак имам јас”, Жаклина Узунова – “ Засекогаш “, Благоја Грујовски – “ Еј, жено ти”, Ленче Кукиќ – “ Ракија се пече”, Наум Петрески – “Горо ле, горо”, Ванчо Тарабунов – “ Јован делија”, Нино Величковски – “ Стара ламба трепери”, Перо Христов – “Лилјано моја “, Виданка Георгиевска “Наша Македонија”. Песните ги потпишуваат исто така големите авторски имиња: Григор Копров, Јанко Узунов/постхумно/, Ванчо Тарабунов, Горан Алачки, Огнен Неделковски, Виданка Георгиевска, Соња Јанакиевска….
Пејачите меѓу другите ќе ги придружуваат и: Миле Барбаровски на тапани, Валентино Бенедети на гитара, Орце Лазаров на мандолина, Никола Митровиќ на контрабас, а секако и Горан Алачки на хармоника. Владимирово и владимировци се подготвени за овој голем музички настан, кој ќе биде пренесуван од страната на Македонската телевизија. Настанот ќе го следат и останатите електронски и пишани медиуми, со присуство на голем број заинтересирани акредитирани новинари и фоторепортери. (Д.М.) фото:ФБ