Нормализирање на почвата и спречување на соленоста може да се постигне со низа агротехнички мерки како орање на длабочина од 60 до 80 сантиметри, при што се крши природно формираниот глинен слој и се овозможува водата да помине во подолните слоеви и да ги отстрани солите наталожени со текот на времето. Исто така, може да се елиминираат во полето со голема количина вода, како и со садење вегетација што е толерантна на соли, како што се јачменот, шеќерната репка, сончогледот, ‘ржта и шафранот. Штетните натриумски јони во почвата може да се елиминираат и со додавање гипс во водата затоа што јоните лесно се врзуваат со калциумот од гипсот. На тој начин, растенијата може полесно да ги апсорбираат хранливите материи

Во само четири котлини (Струмичката, Скопската, Овче Поле и Пелагонија) се наоѓаат 90 проценти од солените (халоморфни) почви или станува збор за површина од 11.000 хектари. Овие почви имаат природно потекло, но во нивното создавање влијае и антропогениот фактор. Последните официјални податоци за засолените почви во земјата датираат од 1970-тите години.

Истражувачки тим од Одделението за педологија и исхрана на растенијата при УКИМ – Земјоделски институт во Скопје, предводен од проф. д-р Христина Попоска, во текот на 2024 –2025 година спроведува низа истражувања во регионот на Овче Поле.

– Халоморфните почви се распространети на неколку локалитети во нашата земја и се резултат на специфичните услови на релјефот, геологијата, хидролошките и на климатските услови. Овие почви се појавуваат како мали површини во најниските делови на некои од нашите котлини, како што се Овче Поле, Пелагонија и мали површини во Скопската Котлина. Се проценува дека халоморфните почви зафаќаат околу 11.000 хектари, што претставува 0,42 % од вкупната територија на земјава. И покрај еколошкото значење како живеалишта на уникатни растителни и животински видови, поради ниската продуктивност, тие честопати се занемарени и се под постојан притисок од човекот – потенцираат од Земјоделскиот институт – Скопје.

Во текот на реализација на проектот, се тестираат солените почви и планирани се активности за спроведување нови пристапи во истражувањето на почвите и лабораториски анализи во согласност со методологиите за мониторинг на почвите на ЕУ.

– Оваа иницијатива за повторно истражување на засолените почви и за воведување напредни методи за нивно проучување, вклучувајќи ги земањето примероци, лабораториските тестирања и обработката на податоци, претставува значаен чекор напред во истражувањето, заштитата и обновата на халоморфните почви во земјата – потенцираат од Земјоделскиот институт.

Солените почви, кои се нарекуваат и натриумски почви поради солениот раствор во водата, се еден од најголемите предизвици на модерното земјоделство бидејќи го ограничуваат капацитетот на растението за апсорпција на вода, а може да предизвикаат и токсичност поради присуството на специфични јони, со што негативно се менуваат клеточната морфологија, фотосинтезата на растенијата и производството на хлорофил. Кај почвите со слаба пропустливост може да се јави соленост и при апликацијата на минерални ѓубрива.

Нормализирање на почвата и спречување на соленоста може да се постигне со низа агротехнички мерки како орање на длабочина од 60 до 80 сантиметри, при што се крши природно формираниот глинен слој и се овозможува водата да помине во подолните слоеви и да ги отстрани солите наталожени со текот на времето.

Исто така, може да се елиминираат во полето со голема количина вода, како и со садење вегетација што е толерантна на соли, како што се јачменот, шеќерната репка, сончогледот, ‘ржта или шафранот. Штетните натриумски јони во почвата може да се елиминираат и со додавање гипс во водата, затоа што јоните лесно се врзуваат со калциумот од гипсот. На тој начин, растенијата може полесно да ги апсорбираат хранливите материи.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ