На социјалните мрежи, околу 90.000 посвоени лица си ги бараат мајките, татковците, браќата, сестрите

90

Според истражувањето на Илија Јовановиќ, претседател на здружението „Градиме иднина“, биле украдени, исчезнати, киднапирани околу 50 новородени деца, по кои мајките сè уште трагаат. Токму тоа е и поводот тој да го започне проектот „И ти имаш право да ги запознаеш твоите биолошки родители“. Тој, исто така, потенцираше дека ќе започнат и со собирање потписи од 90.000 посвоени лица во цела Македонија, како и од посвоени Македонци во Словенија, Франција, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, за да побараат измена на членот 123 а од Законот за семејство

Мајка родила бебе во 1980 година. Повеќе од 32 години трага по своето машко дете, кое било родено здраво и живо. Додека била во болница, на мајката не ѝ го носеле бебето да го дои во собата за родилки. Медицинските сестри им кажувале на родилките да доаѓаат во другите соби да ги дојат своите бебиња. Мајките ги доеле своите бебиња на секои четири часа. Мајката требало за четири дена да си замине со бебето дома. Пред да си замине мајката дома, медицинската сестра ѝ кажала подоцна да дојде да го дои бебето и отогаш му се губи трагата на здравото машко дете.

Мајката била пресретната од друга жена, која ѝ рекла дека рано изутрината е изнесено и дадено машко бебе на друго лице, а лицето било лекар од Охрид, кој немал дете. Тој бил на 40-годишна возраст.

Како образложение зошто го нема детето, педијатарот ѝ рекол на мајката дека бебето престанало да дише, дека докторите дале сè од себе за да го спасат, но, за жал, починало. Докторите од Клиничкиот центар Скопје ја известиле мајката дека бебето било однесено на обдукција. Ова семејство не добило ниту отпусна листа ниту каков било извештај од направена обдукција. Исто така, не добиле умреница, ниту картон за бебе што било родено. Ова семејство живее во Канада.

Ова е само една од приказните, примерите на Илија Јовановиќ, претседател на здружението „Градиме иднина“, што самиот ги истражувал во насока потоа да им се помогне на вака посвоените деца да си ги најдат своите биолошки родители.

Токму тоа е и поводот тој да го започне проектот „И ти имаш право да ги запознаеш твоите биолошки родители“.  Исто така, според него, од 1994 година, семејство од Богданци до ден-денес не може да се помири со тоа дека неговите ќерки близначки, при раѓањето, се евидентирани во болницата како починати.

– Во болницата, едната ја завеле како почината, а за другата ќерка ова семејство оттогаш, па сè до ден-денес, нема никаков документ дека е почината. Освен спроводниците што ги имаат како доказ, други документи не поседуваат. Бременоста на мајката, која носела близначки, од самиот почеток до пред породувањето била во најдобар ред. Докторот што ја следел нејзината бременост, при породувањето го известил таткото дека едното бебе, кое било женско, било полумртво, не плачело, било починато и не ѝ дозволиле во тој период на мајката да ги гледа близначките. Мајката, пак, тврди дека кога родила две здрави девојчиња, слушала плач на две женски бебиња – вели Јовановиќ.

Тој, на денешната прес-конференција, информираше дека, според неговото истражување, биле украдени, исчезнати, киднапирани околу 50 новородени деца по кои мајките сè уште трагаат.

Проектот „И ти имаш право да ги запознаеш твоите биолошки родители“, како што наведе Јовановиќ, ќе се реализира низ цела Македонија, во сите 85 општини.

– Досега, преку социјалните мрежи и Фејсбук, 90.000 посвоени лица бараат да дојдат до своите биолошки родители, но и до своите браќа, сестри доколку биле разделени при посвојувањето. Некои од нив веќе се пронашле. Она што сакам да го најавам е дека сите посвоени ќе организираат јавни трибини во целата држава. Веќе сме подготвени наредната недела да одржиме состанок во просториите на Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“, на кој ќе бидат присутни посвоените лица – истакна Јовановиќ.

Тој, исто така, потенцираше дека ќе започнат и со собирање потписи од 90.000 посвоени во цела Македонија, но и од посвоени Македонци во Словенија, Франција, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, каде што има посвоени Македонци, за да побараат измена на членот 123 а од Законот за семејство.

– Ќе бараме да се дополни и да се измени членот 123 а од Законот за семејство и со тоа лицата без родители и родителска грижа што се посвоени, да имаат пристап до сите документи, односно да можат да го отворат своето досие и да видат кои се нивните биолошки родители – изјави Јовановиќ, додавајќи дека на тој начин ќе се спречи и незаконското стапување во брак.

Тој вели дека посвоените лица го имаат правото да ги запознаат своите биолошки родители и во членот 7 од Конвенцијата за човекови права.

– Македонија го прекршува ова право од Конвенцијата, дадено во членот 7. „Градиме иднина“ ќе собира потписи за петиција од сите посвоени, како и од поранешни штитеници во домовите од цела Македонија и ќе го бараме ова право во Судот во Стразбур – најави Јовановиќ, кој и самиот живеел во Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“.

(А.П.)