Со порака дека ќе се борат за своите права за да бидат она што се – Македонци, припадниците на Македонската заедница во Бугарија денеска го чествуваа споменот на Јане Сандански, еден од најголемите македонски револуционери. На собирот во градот Мелник, пред споменикот на Сандански се одржа народен собир на кој учествуваа Македонците од Бугарија, припадниците на ОМО „Илинден – Пирин“, како и бројни гости од Македонија и од други земји во кои живеат нашите сонародници.
Собирот го обезбедуваа зајакнати сили на бугарската полиција, која не создаваше проблеми во текот на чествувањето на споменот на 110 години од убиството на царот на Пиринот – Јане Сандански. На присутните им се обрати Стојко Стојков, копретседател на ОМО „Илинден – Пирин“.
– Јане остави големо политичко и идејно наследство, кое е живо и денес. Да не се плашиме од тиранијата, да се бориме за своите права, да бидеме она што сме – Македонци, да ја сакаме Македонија, да не мразиме никој народ, да соработуваме со сите што сакаат да соработуваат со нас, да се бориме за правда, слобода и совршенство, да сакаме да паднат границите што ја делат Македонија во еден европски сојуз, слично како што сонуваше Јане – за обединување на балканските народи во балканска федерација. Ние немаме за цел цепење територии, поставување или местење граници, туку нивно симнување – порача Стојков.
Тој потсети дека наспроти сите зачувани сведоштва, денес, во Бугарија официјално се негира дека Јане Сандански бил Македонец, кој се борел за автономна Македонија.
– Ги негираат неговите идеи, неговата самосвест, се обидуваат откако го убија телото, да го убијат и духот на Сандански. Зошто сакаат да ја менуваат историјата? Затоа што за да признаат кој беше, во што веруваше и за што се бореше Јане, значи да признаат дека постои посебен македонски народ. А, за жал, и до денес негирањето на македонската нација е официјална политика во Бугарија – потенцира Стојков.
Во обраќањето тој одаде дека, на ист начин како Јане, така и Македонците во Бугарија, ниту мразат некого, ниту сакаат од некого нешто да земаат.
-Сакаат само вистина, правда и достоинство. Да бидат и останат она што се – Македонци. Да бидат рамноправни граѓани на Бугарија и на Европскиот сојуз. Да почитуваат и да бидат почитувани. Да се инспирираме според мислите што го инспирираа и него, дека робот се бори за слобода – слободниот за совршенство и Народите се браќа и како браќа треба да живеат! Или наместо тоа да потонеме во блатото на омразата и негирањето, наместо да се бориме за совршенство да уништуваме и деградираме! Ние денес и секој ден ги избираме и ќе ги избираме пријателството, вистината, слободата, правдата и достоинството. И додека сме живи – ќе се бориме! – потенцира Стојков. (Б.Ѓ.)