На собраниската Анкетна комисија за Кочани ѝ фалат четири потписи

ДУИ поднеле неуставно барање, ја поддржале 16, а требало 20 пратеници

676

Обвинителството, повикувајќи се на тајноста на постапката, со цел да не се компромитираат доказите, соопштува дека истрагата за пожарот во „Пулс“, во која загинаа 61 човек е во тек. Од ОЈО за весникот ВЕЧЕР не потврдуваат дали веќе почнале да ги испрашуваат повредените сведоци кои кобната ноќ се наоѓале во дискотеката на смртта. Државниот обвинител Љупчо Коцевски, денеска, под покровителство на ОБСЕ потпиша протокол за соработка со министерот за внатрешни Панче Тошковски, за кој пак, до пред три месеци јасен беше ставот на Владата за разрешување на обвинителот. „Новиот државен јавен обвинител треба да биде обвинител што ќе даде поголем придонес во рамки на легитимитетот за борба против организиран криминал и висока корупција, кај граѓаните, рече во февруари Тошковски по објавата на Владата дека ја отвора постапката за разрешување.

Во меѓувреме се случи Кочани, а во предистражната постапка беа уапсени поранешни функционери од институциите кои дозволиле да функционира нелегалното кабаре. Постапката за разрешување на Коцевски се стопира и како што рече премиерот „да им дадеме шанса на обвинителите да сработат“.

Денеска, обвинителот Коцевски вети ефикасен прогон за сите одговорни.

„Изминатиот период се случи трагедија која ги стави на тест институциите во државата, особено оние кои се задолжени да спроведат ефикасен кривичен прогон за сите кои имаат одговорност за страшните последици. Oд нашето координирано постапување директно зависи да се утврдат одговорностите и да се уверат граѓаните во системот на правдата“, изјави во своето обраќање обвинителот Коцевски.

Според Законот за Кривична постапка, истрагата има рок од двапати по шест месеци, со тоа што за вторите одлучува Вишиот обвинител и во одредени исклучоци уште дополнителни три месеци на барање на обвинителот.

За несреќата во Кочани под истрага се 26 луѓе, три фирми и седум полициски службеници од СВР Штип и полициската станица Кочани. Меѓу осомничените се и актуелниот градоначалник Љупчо Папазов, и двајца поранешни Ратко Димитриевски и Николчо Илијев. Двајцата се во домашен притвор, додека Папазов е во затвор. Под истрага и во притвор е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, како поранешен државен секретар, раководител, службено лице, помлад соработник во Министерството. Осомничени се и поранешен директор на Пазарен инспекторат и инспектори. Меѓу осомничените е и сопственичката на фирмата, која дала елаборат за употреба на објектот како дискотека, сопственикот на дискотеката кој е во притвор и неговиот син кој е на болничко лекување. Осомничен е и еден од членовите на групата „ДНК“. Меѓу осомничените се и припадници на обезбедувањето на дискотеката. Според Обвинителството секој што е осомничен сторил кривично дело со своето постапување или непостапување во својата област.

Досега нема политичка одговорност за пожарот во Кочани. За премиерот и министерот за внатрешни оставките не биле проблем, но ќе останат на функцијата со цел да гарантираат правда за семејствата на загинатите.

Меѓу осомничените нема ниту еден актуелен функционер од владејачката гарнитура, се најчестите коментари кои доаѓаат од опозицијата. Па така, истражување на селективен и едностран пристап на правосудниот систем во третманот на трагедијата во Кочани од собранискиот спикер побараа од опозициската ДУИ. „Собранието не може да започне процедура, бидејќи според член 76 од Уставот е утврдено дека предлог за основање на Анкетна комисија можат да поднесат најмалку 20 пратеници, а од ДУИ се потпишале 16“, изјавија од Собранието за весникот ВЕЧЕР.

Додека во Кочани се одржуваат мирни протести за правда за загинатите во несреќата, општинскиот совет во понеделник треба да именува ВД-градоначалник, откако Љупчо Папазов си поднесе оставка од функцијата и заврши во притвор.

Во основниот суд во Кочани во тек се жалбените постапки по притворските мерки, изјави денеска претседателот на Основниот суд Кочани, Спиро Борисов. Со оглед дека петтемина судии, колку што работат во судот, веќе одлучувале за притворите на осомничените, судското рочиште би требало да се одржува во некој од поголемите судови. (П.А.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ