Од Град Скопје во соопштение објаснија дека предлог-буџетот се доставува до Советот на општините седум дена пред расправата за него и оти тоа е предвидено со закон и важи за сите единици на локалната самоуправа
На Град Скопје му се заканува целосна блокада. Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, не го поднела предлог-буџетот за 2025 година во законскиот рок, до Советот на Град Скопје.
Ова вчера, на прес-конференција, го обелодени советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков.
– Се случи она што го предвидувавме со месеци наназад и апелиравме неколку пати. Стравувавме дека сценариото за целосна блокада на Град Скопје може да стане реалност. Сега и се случува тоа. Кумата на хаосот во Скопје, прикрај на својот мандат, поддржана од коалицијата ЛЕВИЦА – СДС – ДУИ, продолжува со црните сценарија за Град Скопје. Во историјата на Град Скопје, до денес се нема случено да биде доведено во прашање функционирањето на градот во целина – изјави Кирков.
Тој додаде дека без буџет за следната година, Град Скопје ќе биде под целосна блокада, нема да функционираат и онака нефункционалните јавни претпријатија и установите во Град Скопје.
Кирков, во името на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, ги повика сите државни институции, Владата, веднаш да пристапат кон решавање на овој проблем.
– Скопје не смее да биде заложник на Данела Арсовска подржана од СДСМ – Левица – ДУИ! За ваков преседан, кој го води Скопје кон целосен мрак, Данела Арсовска мора да одговара – заклучи Кирков.
Од Град Скопје со соопштение реагираа на прес- конференцијата на Кирков, апелирајќи ВМРО-ДПМНЕ да не шири лаги, манипулации и дезинформации во врска со расправата во однос на предлог-буџетот за 2025 година.
– Предлог-буџетот се доставува до Советот на општините седум дена пред расправата за него. Ова е предвидено со закон и важи за сите единици на локалната самоуправа. Согласно со глупавата логика на анонимуси од ВМРО-ДПМНЕ, без буџет за следната година, ќе останат и ќе бидат во „мрак“ и општините каде што раководат кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, кои исто до денес немаат доставено предлог-буџети за 2025 година. Предлог-буџетот, кој ќе го претставиме пред Советот, е развоен и инвестициски, а граѓаните на Градот Скопје ги повикуваме да не наседнуваат на лагите на анонимуси – наведуваат градските власти.