Бојкотот на супермаркетите, кој започна во Хрватска минатиот месец, а потоа се прошири во Босна и Херцеговина, Србија и Македонија, сега стигна и во другите европски земји.
Движењето, кое брзо се рашири низ Балканот, започна како протест против зголемувањето на цените на храната и се посериозната криза со трошоците за живот.
Во Романија, екстремно десничарскиот ултранационалистички претседателски кандидат Калин Георгеску, кој се кандидираше како независен кандидат на поништените избори минатата година, изрази поддршка за бојкотот преку социјалните мрежи и ги повика своите поддржувачи да му се придружат.
Во објава на социјалните мрежи, Георгеску ги обвини супермаркетите и хипермаркетите во странска сопственост дека не продаваат романски производи и дека ги укинуваат работните со воведување каси за самопослужување.
И други десничарски политичари, меѓу кои и Џорџ Симион, ја поддржаа иницијативата. Симион рече дека се приклучува на бојкотот за поддршка на Романците „кои велат „Доста е!“ на злоупотребите на големите синџири на хипермаркети кои ја исмеваат оваа земја.
Сепак, бојкотот не наиде на одобрување кај сите Романци. Премиерот Марсел Чиолаку и министерот за земјоделство Флорин Барбу рекоа дека бојкотот всушност може да им наштети на романските производители. Барбу рече дека еднонеделниот бојкот може да го отежне интегрирањето на локалните производители во големите трговски ланци.
И во соседна Бугарија, каде што инфлацијата скокна за 15 проценти во 2022 година, за денеска е планиран бојкот на повик на различни организации.
„Да им покажеме на трговците на 13 февруари дека има гневно граѓанско општество“, им рече на новинарите поранешниот пратеник и поранешен бугарски амбасадор во Хрватска и повика на ограничување на цените на основните прехранбени производи.
Грчката федерација на генерални потрошувачи на 19 февруари повика на бојкот не само на трговските синџири и банките, туку и на сите државни компании.
Бојкот, како што пренесуваат медиумите, има и во Албанија. Со образложение дека цените во Албанија се меѓу највисоките во Европската унија, на социјалните мрежи се повици за бојкот на маркетите и пазарите на 16 февруари.