Владината Служба за општи и заеднички работи е клучна за целокупното функционирање на Владата, а активностите што ги врши се широки и обемни и барат голем ангажман од вработените, но најмногу од првиот човек на СОЗР, Ивица Томовски, со кого поразговаравме за плановите за купување нов авион и нови ВИП-возила, за промената на регистарските таблици на службените возила, за заживувањето на комплексот „Македонско село“, за плановите на државата за недвижниот имот со кој располага, но и за намалувањето на цените на храната во рестораните за кои беше критикувана Службата во јавноста поради багателните цени

*Г. Томовски, по парламентарните избори, го презедовте управувањето со владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР). Што затековте? 

– Она што го наследив не е нималку различно од другите области што беа наследени во органите на државната управа. Можам да кажам дека едниот аспект е недомаќинското управување, а другиот аспект е економската девастираност и истоштеност на Службата. И не сакам да звучи ова како правдање, но Службата немаше основни ресурси за работа… склучувани штетни договори, беа оставени ресторани без основните продукти за секојдневно функционирање, демотивирани работници, хаотичен возен парк и уште многу други работи што значат девастираност на Службата. Но, не сакам да се сфати сето ова како правдање, ниту како барање алиби. Јас и мојот тим уште првиот ден почнавме да ги менуваме работите. Има многу добри вработени, но имаме извонредно ниски плати на вработените, а активностите што ги врши СОЗР се широки, обемни и бараат многу во исто време. Но, имаме план за надминување на овие работи и нема откажување од реализацијата на програмата за работа.

*Владиниот авион што се користи за државни потреби и неговото често расипување повторно ја брануваат јавноста. Какви се плановите, ќе се продолжи ли со практиката да му се менуваат делови за да остане во возна состојба или, пак, се размислува за купување нов, евентуално половен, по поволна цена? 

– Неколку пати во јавноста сум споделил информации поврзани со владиниот воздухоплов, кој е стар 20 години, за кој веќе подолг период нема оригинални делови и користи репарирани делови, кои, секако, се со пократок век на траење и, претпоставувам, честите дефекти се и предизвикани од овој факт. Тука би сакал да потенцирам дека по основ на редовен и вонреден сервис од 2017 година до денеска, како држава имаме потрошено повеќе од 3,5 милиони евра. Исто така, сум споменал во јавноста, доколку претендираме да бидеме сериозна држава, ние мораме да имаме и соодветен воздухоплов и, да, сметам дека овој воздухоплов не е соодветен за намената за која е наменет и треба што поскоро да биде заменет со воздухоплов што ќе биде со поголем капацитет, што ќе ги исполнува потребите на Владата и воедно ќе биде побезбеден, бидејќи, сепак, со него летаат ВИП-личности. За  набавката на нов воздухоплов да биде реалност, ние мора да постигнеме политички консензус власт – опозиција, тоа да ѝ биде соодветно презентирано на пошироката јавност и да дадеме соодветни оправдувања за набавката на вакво летало.

*Под надлежност на СОЗР е и фамозниот „мерцедес“. Во каква состојба е возилото и дали се користи за пречек на странски високи државни гости?

– Она што сакам да го истакнам во врска со фамозниот „мерцедес“ е тоа дека, и покрај изјавите на минатата власт дека ќе се продаде и не знам што ќе се направи со тие средства, таа го користела многу често во изминатите седум години. Да, „мерцедесот“ е во исправна состојба, иако е стар, од 2012 година. Сепак, вработените во Службата се грижат за возилото и ги прават потребните сервиси што се неопходни за да биде во функција и целосно исправно и безбедно. Ние го имаме искористено неколку пати во текот на овие пет месеци откако презедовме да ја водиме државата. Возилото го имаме употребено за високи делегации во посета на нашата држава и тука би сакал да потенцирам дека ниту претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ниту кој било функционер од сегашното раководство го искористил за сопствени потреби. Исклучиво се користи и во иднина ќе се користи за високи делегации.

*Со оглед на тоа што ова возило е веќе старо, имате ли план или смелост за набавка на ново ВИП-возило?

– Како што кажав во врска со воздухопловот, така би сакал да се повторам и за овие ВИП-возила, доколку претендираме да бидеме сериозна држава и доколку сакаме да бидеме држава што ќе може да прими делегација на највисоко ниво, сметам дека треба да се набават најмалку уште две вакви возила, бидејќи колку е постаро возилото толку повеќе бара за негово одржување, а со тоа и трошоците за државата се поголеми. Околу смелоста, би напоменал дека, секако, имам смелост за таков чекор. Впрочем, тоа е и дел од моите работни обврски – да донесувам сериозни одлуки и одлуки што значат и зголемен ризик од напад од страна на јавноста и сносат посериозни финансиски импликации врз буџетот на Р Македонија. Но, секако, тоа би го правел најтранспарентно и во постојана комуникација со јавноста за да добиеме соодветно возило со најдобри услови и со најниски трошоци.

*Од Владата беше најавено за промена на регистарските таблички на службените возила. Колку службени возила има, која е нивната старост и до каде е оваа процедура?

– Борба против злоупотребата на државните ресурси: крај на лошите практики од минатото за користење на државните возила за приватни цели! На една од седниците на Владата, на мој предлог, беше формирана комисија составена од СОЗР, Генералниот секретаријат, Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи, Министерството за енергетика и Министерството за добро владеење, со цел да започне постапка за измена и дополнување на два важни закона за промоција на транспарентноста и владеењето на правото. Тоа се Законот за користење и располагање со стварите во државна и стварите во општинска сопственост и Законот за возила. Со овие измени ќе се воспостави регистар на сите патнички моторни возила што ќе бидат обележани со регистарски таблици во посебна боја за полесно да бидат забележани од граѓаните.

На овој начин, веруваме дека ќе биде оневозможено нивно користење за приватни цели, со што дополнително ќе се зајакнат транспарентноста и отчетноста на институциите на државата.

Направивме раздвојување на овие два процеса, односно ги регулиравме специјалните таблици со правилник, кој помина на седница на Владата, кој е потпишан од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и е влезен на сила. Моментално се спроведува тендерска постапка во МВР, каде што треба да се набават соодветните бои за да се изработат тие таблици и веднаш по завршувањето на тој тендер, ќе почне обележувањето на службените возила во државава, чиј број е меѓу 6.500-7.000.

Додека регистарот е покомплексно решение и ќе го работиме во наредниот период, од причини што бара соодветно софтверско решение, кое би чинело поголема сума на финансии и посериозен пристап за негово пополнување. Сакам да потенцирам дека Владата на РМ нè задолжи, како СОЗР, да го спроведеме и ветувам дека ќе биде спроведен во најбрз можен рок.

*Деновиве, во јавноста дадовте изјави и за намерата да се врати во функција комплексот „Македонско село“, кој беше затворен и оставен да пропаѓа. Но, државата поседува и друг недвижен имот. Во каква состојба е и какви се плановите за тој имот?

– Состојбата со комплексот „Македонско село“ е многу очајна и лоша, би сакал да потенцирам дека со неговото нефункционирање од 2019 досега, ние, како држава, имаме изгубено некаде околу 350.000 евра, дел по основ на ненаплатена закупнина, дел по основ на обезбедување и дел по основ на осигурување. Ние, како тим, решивме повторно да го заживееме овој комплекс и можам да кажам како се движат чекорите тоа ќе биде многу скоро. Од Бирото за процена ја добивме проценката на неговата вредност, донесовме одлука на Влада дека може да почне постапката и следниот чекор е објавување во весник, а потоа и издавање заинтересиран економски оператор. Практично сите економски оператори ќе можат да учествуваат на еден од четирите дела или на сите четири дела (три дела само куќарки и еден дел рестораните) и зависно од бројот на заинтересирани економски оператори, ќе зависи висината на закупнината, бидејќи потоа ќе оди на јавно наддавање, преку системот на Министерството за финансии.

*Најавивте и промени во тендерската постапка во Службата. Ќе ни откриете ли за какви промени станува збор?

– Она што го направивме како Влада, односно како СОЗР, е олеснување на условите на сите тендерски постапки што се спроведуваат преку нас, со самото олеснување на условите, се зголемува конкуренцијата, а се намалува цената на производите и на услугите и така правиме заштеда на државниот буџет. Она што можам да го кажам за досегашното наше функционирање од околу пет месеци е дека имаме заштедено, по основ на тендерски постапки, некаде околу 24.000 000 денари и оваа сума допрва ќе расте.

*Рестораните на Владата и на Собранието беа синоним за евтино јадење и пиење. Може ли сè уште да се јаде бифтек по багателна цена?

– До мене допреа поплаките и критиките од порано во јавноста за ниските цени во бифињата на Службата. И можам да кажам дека тие се оправдани. Сепак, тоа се многу ниски цени наспроти цените што ги плаќаат граѓаните за исти такви услуги низ државата и се со многу високи цени. Затоа, уште во првите неколку дена ги покачивме цените на услугите за 50 проценти и тоа е едно ниво што гарантира пристојност и одржливост. Или што би рекол народот, „нема багатела јадење за функционерите“, иако морам да признам дека голем дел од услугите ги користат и службениците. Но, сепак, се работи за пристапни цени за секого.

За тоа да биде појасно за јавноста, ќе споделам само еден пример кој во минатото беше доста предмет на потсмев, а воедно и револт кај граѓаните. Бифтекот во 2022 година чинел само 210 денари, додека денеска чини 730 денари, што сметам дека е соодветна и оправдана оваа цена за еден таков производ.

*Најавивте дека ќе се доградат зградите на ФИНКИ и на Факултетот за физичка култура. Во каква состојба се и до каде е постапката?

– Она што го најавивме како Влада е тоа дека објектите како ФИНКИ и на Факултетот за физичка култура, кои се од круцијално значење за државата, особено за студентите да добијат соодветни услови за студирање, ќе направиме пресек и ќе ја продолжиме постапката за нивно довршување. Можам да кажам дека реагиравме во делот на Законот за градба за да бидеме законски покриени, правиме анализи и соодветни проверки на досегашниот тендер и со официјален став би требало да излеземе некаде до средината на јануари, кога практично претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе ги презентира сите капитални инвестиции што ќе се продолжат со градба, а се од интерес на граѓаните на Република Македонија.

Светлана БЛАЖЕВСКА

ИЗДВОЕНИ