На секои два дена се пријавува по едно кривично дело против природата

57

Вкупно 1.807 кривични дела против животната средина и природата биле пријавени во изминативе десет години, односно на секои два дена се пријавува по едно кривично дело од овој вид, покажува анализата на Центарот за правни истражувања и анализи. Во периодот 2021-2024 година, најголем дел од кривичните дела, дури 33 %, се за незаконски риболов, 30 % за мачење животни, 19 % за узурпација на недвижности, 11 % за пустошење шума и само 7 % за загадување на животната средина. Најмногу од пресудите на судовите за ваквите кривични дела биле со условна осуда (56 %), изречени се парични казни во 33 % од пресудите, казна затвор – 7 % и судска опомена – 4 %.  Се предлага да се формира централизирано национално координативно тело за еколошка правда, кое ќе врши инспекција на состојбите во животната средина.

– Сега се прави посебен правилник. Досега се велеше дека капацитетите, можностите и ангажираноста на инспекторатите биле слаби. Сега, во практика ќе се предвиди едно силно, централизирано тело, кое ќе се занимава со инспекција во животната средина, кое ќе може на сите објекти, и по вертикала и по хоризонтала, да прави инспекција со цел да не си ги предаваме надлежностите или да не си даваме можности за образложение дека не е моја надлежност – вели советникот на премиерот за екологија

За 10 години, во државата официјално се пријавени 1.807 кривични дела против животната средина и природата, број што ја отсликува суровата реалност дека во Република Македонија, на секои два дена, се пријавува по едно кривично дело од овој вид, покажува анализата на Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).

– Овој број, иако, можеби, не зазема голем удел во вкупно пријавените кривични дела во државата за сличен период, мораме да потенцираме дека се работи за кривични дела со голема, темна бројка, кои истовремено ја покажуваат општествената состојба за која луѓето, бидејќи не се директно оштетени, имаат ниска свест за потребата од пријавување кривично дело против животната средина и природата – велат од ЦПИА.

Во периодот 2021-2024 година, најголем дел од кривичните дела, дури 33 %, се за незаконски риболов, 30 % за мачење животни, 19 % за узурпација на недвижности, 11 % за пустошење шума и само 7 % за загадување на животната средина.

Пустошењето на шумите е едно од најзастапените дела третирани како еколошки криминал и дело штоима организирана форма. Во 2023 година, Шумската полиција поднела 197 кривични пријави против дрвокрадци и оттаму посочуваат дека нема ниту еден одговор од Обвинителството.

– Шумската полиција, од моментот на поднесување на пријавата, потоа нема информација што се случува понатаму со ваков сериозен проблем, односно му се губи трагата на случајот што укажува на неефикасноста на системот – вели Сашо Петровски, шумарски инженер од Регионалниот центар за шумарство и регионален развој.

Статистиката за пресуди на ЦПИА за кривични дела против животната средина, пак, покажува дека во 2022 година биле донесени 95 пресуди за кривични дела против животната средина врз основа на поднесените обвиненија, а во 2023 година било забележано значително зголемување со 162 пресуди за таа категорија на дела.

– Важно е да се напомене дека бројот на донесени пресуди не мора директно да кореспондира со бројот на обвиненија поднесени во истата година. Многу од случаите за кои се донесени пресуди во 2022/2023, можеби, биле започнати во претходните години. Со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, воведено е кривичното дело екоцид, што претставува пресвртница во борбата против еколошките злосторства. Казните за ова дело опфаќаат затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор за сериозни и долготрајни штети на животната средина – истакнуваат од Центарот.

Но, што покажува статистиката на ЦПИА? Најмногу од пресудите за кривичните дела од областа на животната средина опфатени во периодот 2021-2024 година биле со условна осуда (56 %), изречени се парични казни во 33 % од пресудите, казна затвор – 7 % и судска опомена – 4 %.

– Растечкиот број судски случаи покажува дека правосудниот систем игра клучна улога во заштитата на животната средина. Следењето и анализата на судските одлуки не само што ги подобруваат законските рамки туку и ја зголемуваат јавната свест за значењето на здравата животна средина – истакнуваат од Центарот.

Исто така, и граѓаните имаат право да бараат еколошка правда доколку е загрозена таа, но, како што посочуваат од Врховниот суд, само 1 % од граѓаните во Република Македонија се обиделе да го остварат ова право преку судска постапка и најчесто нивното искуство било негативно.

– Доколку службените или одговорните лица не ги исполнуваат обврските утврдени со законот, граѓаните имаат право да поведат постапка пред Управниот суд – вели д-р Мирјана Лазарова- Трајковска, судијка во Врховниот суд и поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во поткастот на УНДП.

Во Македонија постои Државен инспекторат за животна средина, Инспекторат на Град Скопје, а и секоја општина има инспектори. Секогаш кога се случува нешто алармантно во однос на загадувањето на животната средина, јавноста повикува надлежните да преземат мерки, но најчесто тогаш се појаснува кој не е надлежен за конкретниот проблем.

Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, е свесен дека Инспекторатот не располага со доволен број инспектори и дека треба да се работи на решавање на тој проблем.

– Инспекторите веќе се на терен. Има и казни. Но, има потреба и да се зголеми бројот на Инспекторатот, бидејќи мал е бројот за да се опфати цела Македонија – рече Меџити.

Поради тие причини, од Центарот за правни истражувања и анализи препорачуваат дека со одлука на Владата, како главен креатор на политиките во државата, би требало да се формира национално координативно тело за еколошка правда и во него би требало да членуваат претставници (специјализирани кадри) од факторите што, покрај Министерството за животна средина, играат важна улога во спречувањето на загадувањето на животната средина, како што е Министерството за внатрешни работи, бидејќи еколошкиот криминал многу често спаѓа во групата на организиран криминал, па така поддршката од полицијата е неопходна за негово спречување, потоа Јавното обвинителство како корпус на гонење на криминалот, Државниот инспекторат за животна средина и Царинската управа, која мора да го контролира увозот на отпадни материи.

– Ваквото тело и неговото работење не само што би помогнале во борбата против загадувањето на животната средина, казнувањето на сторителите (специјална превенција) и принудувањето да направат реставрација на загадените делови туку тоа ќе придонесе и за подигање на свеста на граѓаните во однос на значењето на чистата животна средина, но и фактот дека загадувањето не може да помине неказнето (генерална превенција). Ова е од огромна важност од една едноставна причина: секој граѓанин е „загадувач“ во одредена мера, што создава масовност на борбата против загадувачите, а системот е тој што ќе го намали загадувањето на животната средина преку доследно применување на законските норми – велат од ЦПИА.

Такво силно централизирано тело, кое ќе врши инспекција на состојбите во животната средина, се предвидува и со новата програма за заштита на животната средина. Како што појасни советникот на премиерот за екологија пред десетина дена, се прави посебен правилник, кој предвидува надлежноста за инспекција на влијанието врз животната средина на сите загадувачи да биде сместена во едно заедничко тело.

– Сега се прави посебен правилник. Досега се велеше дека капацитетите, можностите и ангажираноста на инспекторатите биле слаби. Сега, во практика ќе се предвиди едно силно, централизирано тело, кое ќе се занимава со инспекција во животната средина, кое ќе може на сите објекти, и по вертикала и по хоризонтала, да прави инспекција со цел да не си ги предаваме надлежностите или да не си даваме можности за образложение дека не е моја надлежност – вели советникот.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ