На самитот на Г7 во Италија: Најмоќните луѓе на светот спијат во хотелот во кој Мадона славеше роденден, а ноќевање чини 4.500 евра!

4232

Италијанската премиерка Џорџа Мелони без дилеми е ѕвездата, а украинскиот претседател Володимир Зеленски најзадоволниот човек на годинашниот тридневен самит на Групата седум најразвиени земји – Г 7 што ќе се затвори попладнево со билатерални средби на учесниците и прес конференција на Мелони.

Мелони „блесна“ минатата недела, кога нејзината екстремно десна партија Браќа на Италија победи на европските избори, а сега „зрачи“ како домаќин на самитот на најмоќните во светот, што се одржува во нејзината земја, во луксузното одморалиште Борго Егнација во Апулија, близу Бари. Таа ги пречекува и испраќа гостите, се смее во средина на групните фотографии, држи прес конференции, но и поставува црвени линии за одлуките. Италијанските медиуми јавуваат дека таа во одморалиштето дошла со хеликоптер уште во понеделникот, заедно со ќерката Жиневра и била одлично расположена.

Зеленски, пак, кој дел од претседателскиот мандат потроши во војна, сега би требало да биде посреќен од кога и да е зашто Украина беше на врвот на агендата на самитот. Уште првиот ден земјите членки на Г7 соопштија дека до крајот на годинава на Украина ќе и доделат заем од 50 милијарди долари од замрзнатиот руски имот. Освен ова, Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден потпишаа десетгодишен билатерален безбедносен договор, за кој беше кажано дека е претходница на членството на Украина во НАТО. Договорот има за цел да ги обврзе идните американски администрации да ја поддржуваат Украина, дури и ако Доналд Трамп во ноември победи на изборите, изјавија официјални лица.

Вниманието на јавноста вчера го привлече учеството на папата Франциско. Тој во своето прво учество на самит на Г7 зборуваше за ризиците и потенцијалите на вештачката интелигенција и имаше и неколку билатерални средби.

-Ова е историски ден. Ќе му посакаме добредојде на Папата. Ова е прво учество на еден папа на состанок на Г-7. Горда сум што ова ќе се случи за време на италијанското претседателство, изјави Мелони пред самитот.

Но, неговиот говор во текот на вчерашниот, последен ден од разговорите на самитот беше во втор план во однос на дискусијата за Кина. Лидерите ја изразија својата загриженост за преголемиот индустриски капацитет на Кина и за поддршката што Пекинг ја дава на Русија.

На дневен ред на најмоќните луѓе на светот во изминатите два дена беа и Газа, климатските промени и миграцијата, што е клучно прашање за Мелони, која покрена нова иницијатива за поттикнување на развојот на африканскиот континент за да се справи со основната причина поради која луѓето ги напуштаат своите матични земји.

Дел од учесниците, меѓу кои и Бајден вчера си заминаа, но според Мелони веќе се договорени заклучоците од самитот на околу 30 страници, кои треба да се одобрат и објават вечерва. Еден дел од заклучоците, односно заедничката изјава, беше спорен. Дипломати изјавија дека Мелони била во кавга со лидерите околу споменувањето на абортусот и ја поставила својата црвена линија барајќи да се тргне формулацијата „сигурен и легален абортус“.

Лидерите на седумте најбогати земји во светот – САД, Италија, Канада, Јапонија, Франција, Велика Британија и Германија, како и Европската унија за  време на самитот беа сместени во луксузен блиндиран хотел што наликува на помала населба во кој една ноќ чини вртоглави 4.500 евра. Во него досега престојувале Мадона, која таму славеше роденден во 2021година, потоа Дејвид Бекам и Џастин Тимберлејк, кој таму го помина медениот месец со  глумицата Џесика Бил. Во хотелот работат 700 лица на кои им е предочено дека веднаш ќе добијат отказ ако кажат макар и еден збор за тоа што се случува во него. Додека трае самитот локалното население може да се движи само со посебна пропусница, а никој не смее да плива во морето. Учесниците на самитот се максимално чувани. Обезбедувањето брои од 7.500 до 9.600 мажи и жени, од кои 5.000 се карабинери, полиција, финансиска полиција, како и снајперисти. Но, за разлика од лидерите кои уживаат во луксуз, како што пренесоа медиумите, лицата од обезбедувањето биле сместени на крузери во многу нехигиенски услови, во валкани и оштетени соби без климатизација, со неупотребливи тоалети, а некои од кабините биле полни со вода. По реакциите дел биле сместени во хотел, а дел на друг крузер.

Самит на Г7 во Италија се одржува по седми пат. Освен големата седморка, овој пат присутни се и претседателите на Турција, Индија, Бразил, Аргентина, како и член на кралското семејство на Саудиска Арабија. Самитот го седат и првите луѓе на ОН, ОБСЕ, ММФ, Светска банка, како и претседателите на африканските земји, на Емиратите и на Мавританија.