На Родос уапсени неколку лица осомничени за корупција во државните органи, барале мито и до 100.000 евра

27

Грчките власти покренаа обвинение против повеќе од 20 лица и уапсија неколку менаџери и вработени во државната служба за урбанизам на островот Родос за злоупотреба на службената положба, изнуда, поткуп и фалсификување документи, соопшти полицијата.

Тие се осомничени за издавање лажни одобренија за градба, регулирање на „бесправно градење“ и намалување на казните изречени за урбанистички прекршоци, пишува „Катимерини“.

Истрагата на грчката полиција е покрената по дојава дека вработени во службата за урбанистичко планирање барале мито за да завршат одредена работа, кое изнесува и до 100.000 евра.

Во четвртокот вечерта беа уапсени вкупно седум лица, меѓу кои и еден архитект, за кој полицијата смета дека е водач на оваа криминална група и еден градежен инженер.

Повеќе од 600.000 евра и 77 златни британски фунти, во вредност од по стотина евра, се запленети при претреси во домовите на овие лица, соопштија полициските службеници.

Во декември, 21 лице беа уапсени во северна Грција, меѓу кои и поранешен градоначалник и општински менаџери во локалниот оддел за урбанистичко планирање, под слични обвиненија. Тие се осомничени дека примале мито за да го забрзаат издавањето дозволи и неопходните планови за градежни работи на диво, јавува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ