На роденденот на Тоше, концерт „Ангел си ти“ – песна која ангелот ја испеа под знамето на Македонија на Евровизија во Истанбул – Во пресрет на Големиот ден, 25 јануари, во Крушево 

28

Моментот во 11:15 часот, кога на овој свет дојде Тоше, ќе се одбележи со полагање цвеќе на неговото вечно почивалиште

Се ближи тој Голем ден за македонската и балканската естрада, ден кога е роден ангелот на нашата музика, Тоше Проески. А, роден е на 25 јануари 1981 година.  Роден е како Тодор Проески, во Прилеп, но неговиот град е Крушево, каде што живееше. Првите музички лекции ги научи во музичкото училиште во Битола, а  потоа на Музичката академија во Скопје. Првите посериозни музички настапи ги направи во раното детство. Пееше на детскиот фестивал „Златно славејче“ и тоа на својот мајчин влашки јазик, песната „Јас и мојот дедо“. Ѕвездената слава ја стекнува нешто подоцна, оставајќи зад себе длабока и неизбришлива трага на естрадата.

Во чест на неговото раѓање, на 25 јануари во Крушево, со почеток од 12 часот ќе се одржи голем концерт, во Спомен-куќата која го носи неговото име. Овој значаен музички настан е насловен како „Ангел си ти“  по песната која Тоше ја испеа на Евровизија во Истанбул во 2004 година, кога беше претставник на Македонија и кога влезе во Големото евровизиско финале.

На концертот во Крушево, покрај два хора од Бугарија, ќе настапат и: пејачката Нела Манческа, која досега пеела на дваесетина натпревари, потоа Дорис Димовска, која учи пеење кај Ана Дурловски и Андријана Јаневска и има освоено награди на повеќе интернационални фестивали.

Ќе има настап и прилепската група „Локдаун“, која често свири песни од репертоарот на Тоше. Со споменатите хорови ќе диригира Аделина Колева, која изминативе 25 години изучува млади таленти. Добро познатите хитови од репертоарот на ангелот ќе ги пее и вокалната формација „Оренда“, која е составена од 30 пејачи на возраст над 25 години.

-Тоа е состав кој станува сè попопуларен. Тие се учесници на концерти со различни поводи, изјавува Лефкија Гаџовска, директорката на Спомен-куќата. Ќе го слушаме и вокалниот состав „Графити“ со шестмина млади пејачи, добитници на награди на национални и меѓународни натпревари.                                                                        – Секоја година одбележувањето на роденденот на Тоше го започнуваме со крводарителска акција, со што ја истакнуваме хуманата страна на Тоше како човек, кој освен со многу хуманитарни концерти, помагаше и со својата дарувана крв. –          – Акцијата ќе трае од 9 до 16 часот.                                                                    Меѓутоа, многу значајно е дека моментот во 11:15 часот, кога на овој свет дојде Тоше, ќе го одбележиме со полагање цвеќе на неговото вечно почивалиште, разбирливо емотивно раскажа Гаџовска.   Д.М.

 

ИЗДВОЕНИ