EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Ако на почетокот од сезоната во Формула 1 покажуваше доминација на патеката и се здоби со предност во однос на другите тимови, сепак, актуелниот шампион, тимот на Ред бул, е непрепознатлив во вториот дел од тековната сезона, па шампионската титула на неговиот возач Макс Верстапен виси на конец на четири трки до крајот на сезоната, додека во конструкторскиот поредок, лидер е тимот на Мекларен, а Ферари е второ.

Неговиот драстичен пад најдобро можеше да се види на трката во Мексико, каде што повторно беше надвор од ритам, а доминираа Ферари и Мекларен.

Шефот на тимот на Ред бул, Кристијан Хорнер, истакна дека најголем предизвик за одбрана на конструкторската титула на претстојното бразилско ГП ќе биде да се изедначат со темпото на Мекларен до крајот на сезоната.

Холанѓанецот Верстапен во текот на целата трка се жалеше на пневматиците, па затоа не можеше да го одржи темпото со најдобрите, а воедно доби и две казни од по десет секунди.

На прашањето за недостигот на темпо на трката во однос на брзината на квалификациите на Верстапен, што му го обезбеди второто место на стартот, Хорнер даде свое образложение.

  • Мислам дека ова е најголемиот проблем што треба да го решиме, особено за тврдите гуми. Едноставно немавме исто темпо. Макс немаше стисок, не чувствувавме дека можеме да ги „запалиме“ гумите. Тоа ќе биде најголемиот предизвик во следните денови, да видиме во што е проблемот. Се разбира, Бразил е сосема поинаков предизвик, но ова е шема, особено на крајот од трката, Мекларен е многу побрз од нас – истакна Хорнер.

Победата на Карлос Саинц и третото место на Леклер, заедно со лошиот настап на Серхио Перез, му дозволија на Ферари да го прескокне Ред бул на второто место во поредокот за конструктори.

  • Мислам дека ќе биде многу тешко. Никогаш не се откажуваме. Ќе се бориме, но ќе биде многу тешко. Потребно ни е двајцата возачи да освојуваат бодови – заклучи шефот на Ред бул.