Словенечката ракометна репрезентација, но и македонскиот ракометен шампион, Еурофарм Пелистер, добија лоши вести, поврзани со нивниот ракометар Нејц Цехте. Десниот бек се повреди на натпреварот со Аргентина и од Загреб пристигнаа првите официјални информации за неговата здравствена состојба.

Цехте доби незгоден удар и падна на теренот уште во почетниот период од дуелот и веднаш бил префрлен во болницата во Загреб.

Ракометната федерација на Словенија соопшти дека првичните испитувања покажале дека Цехте се здобил со скршеница на три ребра. Тој ќе остане на опсервација во Универзитетскиот клинички центар во Загреб, каде што ќе се врши и натамошна дијагностика за можни придружни повреди. Ова значи дека Светското првенство е завршено за Цехте, бидејќи десниот бек го чека подолг период на заздравување.

Словенија го доби натпреварот со Аргентина со 34:23 и е на третото место на табелата во четвртата група со 4 бода, исто колку што има второпласираната Хрватска, а на првата позиција со 6 бода е репрезентацијата на Исланд.

Шпанија доживеа пораз со кој максимално си ја искомплицира работата во борбата за пласман во четвртфиналето. На сличен начин на кој освои бод против Шведска, Шпанците загубија од Норвешка со 25:24. Грондал со седум гола беше најефикасен во норвешката репрезентација, додека Гарсиандија со шест ги предводеше Шпанците.

Исланд се наоѓа на чекор од пласман во нокаут фазата од Светското првенство откако го совлада Египет со 27-24 за задржување на максималниот ефект. Во последните две кола на Исланѓаните им е потребна една победа, а играат со Хрватска и аутсајдерот Аргентина.

Шведска и Португалија ги одиграа еден од најнеизвесните натпревари на Светското првенство кој на крајот заврши без победник (37:37). Најефикасен во редовите на Шведска беше Лагерген со седум гола, додека кај Португалија Фарде постигна исто така седум гола.

Домаќинот Хрватска немаше проблеми и славеше убедливо над Зеленортска Република со 44:24.

 

ИЗДВОЕНИ