Зоолошката градина од саботата е повторно отворена за посетителите, особено на голема радост на најмладите, кои повторно уживаа со своите родители, баби и дедовци на сончевото време, во прошетка покрај кафезите со своите омилени животни. Градината беше затворена 21 ден поради пронајдена мртва птица кај која била потврдена инфекција со вирусот на птичји грип. Вработените во Зоолошката сега велат дека, по затворањето, ги имаат почитувано сите протоколи и дека го искористиле периодот за целосна дезинфекција на местото
Зоолошката градина од саботата е повторно отворена за посетителите, особено на голема радост на најмладите, кои повторно уживаа со своите родители, баби и дедовци на сончевото време, во прошетка покрај кафезите со своите омилени животни. Градината беше затворена 21 ден откако Агенцијата за храна и ветеринарство забрани да се движат посетители поради пронајдена мртва птица кај која била потврдена инфекција со вирусот на птичји грип.
Од Зоолошката известија дека ќе бидат отворени вратите секој ден од 9:00 до 16:00 часот. Претходно, Агенцијата за храна и ветеринарство утврди дека Зоолошката не постапила според законските процедури за пријавување зараза, по што беа убиени повеќе од триесет птици на терен: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка што била присутна на локацијата. Од Зоолошката обвинија за незаконски упад и за масакр врз птиците, тврдејќи дека станува збор за незаконска акција, без соодветни докази.
АХВ нареди мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во Зоолошката градина за присуство на вирусот, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел да се спречи болеста и да се спречи нејзино ширење надвор од Зоолошката градина. Сите што побараа да се тестираат дали се заразени со птичји грип, добија негативни резултати. На почетокот беа тестирани двајца, а дополнително беа направени и епидемиолошки анкети на 16 луѓе.
Вработените во Зоолошката сега велат дека, по затворањето, ги имаат почитувано сите протоколи и дека го искористиле периодот за целосна дезинфекција на местото.
– По тој настан, ние бевме затворени 21 ден. Ги почитувавме сите протоколи што ни беа наложени. За тоа време, ја средивме ЗОО да се дезинфицира комплетно. Има посетители и луѓето се чувствуваат безбедно, сè е во најдобар ред – изјави ЗОО- негувателката Марија Дојчиновска.
Надлежните од АХВ апелираат до граѓаните ако најдат пцовисани гуски и патки, да ја известат Агенцијата лично.
– Во врска со болеста птичји грип (авијарна инфлуенца), која беше потврдена неодамна, кај две пцовисани диви птици во Скопје, во два изолирани случаи, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните да ја известат АХВ лично (во централата или во подрачните единици на Агенцијата), на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22 или на info@fva.gov.mk или, пак, ветеринарните друштва за пронајдена пцовисана дива птица од водните видови (патки, гуски и слично). Доколку станува збор за други видови пцовисани птици и за изолирано пцовисување, треба да пријават кај јавните комунални претпријатија за нештетно отстранување на мршите – пишува во објавата на АХВ.
Последните случаи на појава на високопатогена авијарна инфлуенца беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, местото Селце во Општина Штип и во близина на Злокуќани, Општина Карпош.
Епидемиолозите се децидни дека е мал ризикот да се заразат луѓето со птичји грип. За да се добие позитивен тест, треба да се има близок контакт со заболено или мртво животно или, пак, да се има близок контакт со некој секрет и измет од заболени или од мртви животни.