Воени паради, многу работници, музика… Вака некогаш се славеше 1 мај, меѓународниот празник на трудот, кој во поранешна Југославија, и во СР Македонија, како една од републиките важеше за еден од најзначајните празници. Работниот народ од цела Македонија се собирал во главниот град, каде што на спектакуларен начин се организирала првомајската парада, на која сите настојувале да го прикажат на најдобар начин она што го работеле и она што го постигнале. Тоа е време во кое Скопје имало Градска, Руска и Офицерска плажа, време во кое вториот ден се славело во Сарај и Матка, со пријателите, роднините, во друштво со девојките и момчињата или, пак, едноставно со скопјани. „Сега не е така, одат во Грција и во другите туристички места, во викендичките, кај пријателите“ – вели поранешниот новинар Зоран Трајковски, за весникот ВЕЧЕР.

Во спомените за старо Скопје, постарите генерации, како празник над празниците, ја помнат прославата на Први мај – Денот на трудот. Работните луѓе од цела Македонија се собирале во главниот град, каде што на спектакуларен начин се организирала првомајската парада, на која сите настојувале да го прикажат на најдобар начин она што го работеле и она што го постигнале.

Тоа е време во кое Скопје имало Градска, Руска и Офицерска плажа, време во кое вториот ден се славело во Сарај и Матка, со пријателите, роднините, во друштво со девојките и момчињата или, пак, едноставно со скопјани. Но речиси сите што живееле во тоа време се согласуваат дека првомајските излети биле во сенка на парадата, која била најголемото чудо на првомајските празници.

Зоран Трајковски, поранешен новинар што сега живее во Аеродром, во разговор за весникот ВЕЧЕР се присети дека се одело до Сарај со пионерското вовче или, пак, со автобуси.

– Јас сум од генерацијата 1948 година. Имаше голем број  фирми што имаа сопствени возила, па организирано ги носеа работниците за празникот, до излетничките места. Освен во Сарај и Матка, одевме и во Чардак, со чергичињата под рака. Тогаш се одеше на излет на втори мај – се сеќава Трајковски.

Се славело во друштво, со блех-музика, кларинети. Помладите го поминувале празникот со гитарите в раце и со она што секој го носел за јадење, а децата си играле со топка или шетале во околината на излетничкото место.

– Сега не е така, одат во Грција и во другите туристички места, во викендичките, кај пријателите – се смее Трајковски.

Она што оставило најголем впечаток кај него била првомајската парада на Градскиот плоштад, која, вели, се подготвувала речиси еден месец претходно.

Градот невообичаено се раздвижувал, секое негово делче, сите работни организации, сите жители – од најстаро до најмладо – се подготвувале за Први мај. Во центарот на градот, пред тогашниот Офицерски дом на плоштадот, се правела голема бина, пред која дефилирале работниците покажувајќи ги своите достигнувања.

На камиони се прикажувале, одделно, на пример, медицинските достигнувања, достигнувањата во железницата, индустријата, како и во многу други области.

– Одделно, пак, имаше воен дел. Свиреше и музика. Татко ми ќе ме качеше на грб за да можам да ја следам парадата –раскажува Трајковски со возбуда.

Ане Лековиќ вели дека од мај до септември, секој втор викенд, се одело кон Марков манастир, во природа.

– За празникот се ладеа пијалаци во Маркова Река, задолжително се правеше скара, потоа, на спиење, во викендичката на дедо ми во Варвара, место пред Марков манастир, а вечерта назад, во Центар – ги оживува Лековиќ сеќавањата за празнувањето на Први мај.

Таа продолжува и вели дека понекогаш оделе во приколката на чичко ѝ во Матка, често пати и во Катлановско, а на враќање во Коњаре, по тазе риба, најчесто гирици.

– Одевме и во Држилово. Таму имавме пријатели Торбеши. Додека сум жива, ќе го паметам вкусот на нивните сукани јадења. И денеска го практикуваме тоа, уживање, викенд некаде во природа, надвор од домот, градот, не само за празникот. Убавите спомени се животот – нагласува Лековиќ.

Во своите записи, познатиот скопски хроничар, Данило Коцевски, кој повеќе не е меѓу живите, напишал дека посебен шарм, традиција и убавина имале излетите за втори мај, во рамките на големиот празник на работниците и Денот на трудот.

– Мојата генерација се сеќава на нашите први незаборавни излети во Сарај и Матка. Во основното училиште, во пролетните денови или на почетокот од есента, со малото пионерско вовче нè носеа до последната станица, пред селото Глумово, а потоа со шпедитерски коли до кањонот и езерото Матка. Подоцна, со маалските другари едвај позајмувавме велосипеди за да појдеме на излет до Сарај. Онака, во сопствена режија, за да избегаме од градот. Тоа беше уживање и долго патување до крајот на светот. На враќање, задолжителна беше посетата на изворот со кисела вода во Вучидол – пишува Коцевски.

Воедно, запишал и како се подготвувале за учество на првомајската парада.

– Нас во осново училиште нè подготвуваа за да учествуваме на првомајската парада. Такви паради се одржуваа во Скопје и во другите градови во Југославија. Особено беше популарен втори мај, бидејќи Скопје има богата околина, извонредно богати излетнички места. Се одеше на Водно, на Скопска Црна Гора, Сарај, Матка, по текот на Треска… Дали е религиозна или световна, традицијата се негуваше и се почитуваше – истакнува Коцевски.

Гордана Јанакиевска, туризмолог, вели дека за прв фотографски запис од прослава на 1 Мај во Скопје се смета оној од 1909 година, кога бил одбележан овој празник додека сè уште била османлиската власт во градот.

Меѓународниот ден на трудот е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците.

Овој празник се одбележува на 1 мај, во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година, во Чикаго. На овој штрајк, организиран со цел воведување осумчасовен работен ден, била употребена сила од полицијата, при што имало и жртви. Подоцна организаторите на штрајкот биле изведени на суд, при што четворица од нив биле погубени.

Во знак на почит кон жртвите од чикашкиот штрајк, на својот основачки конгрес во 1889 година, Втората интернационала донела декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај, со цел подобрување на нивната положба. Оттогаш, традиционално, на 1 мај секоја година во повеќе земји во светот се одржуваат демонстрации во знак на одбележување на Меѓународниот ден на трудот.

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот, пред сè во комунистичките и во бившите комунистички земји. И во Македонија. Притоа, до 2006 година, тој се празнуваше два дена, на 1 и 2 мај, а од 2007 година се празнува само еден ден.

Анела ПЕТРОВА – Фото: фб СТАРИ СКОПЈАНИ

 

 

ИЗДВОЕНИ