Првиот снег оваа година ги израдува и жителите на Скопје ЗОО.
– Повеќето животни со возбуда ги дочекаа снежните врнежи, а дел од нив иако се тропски и потекнуваат од краишта каде што нема зима, уживаа во прошетката низ снегот – велат од Зоолошката градина.
Од фотографиите направени во Зоолошката градина може да се види како шимпанзата Изи, Коко и Мими пак сами собираат снежни грутки и се радуваат на нивниот леден „десерт“.
Слоницата Даела пак својот ручек го имала токму во снежната покривка, а на снегот му се восхитувале и елените лопатари, алпаките, ламите, тигрицата Ана, зебрата Јанош…
– Сепак, тропските животни само на кратко излегуваат на снегот и потоа се враќаат во своите топли живеалишта – објаснуваат од Зоолошката градина.
Единствени кои малку се исплашиле од првиот снег биле пингвините, сè додека не сфатиле дека тој не претставува опасност.
Од Зоолошката градина информираат дека за греење во живеалиштата на животните се употребуваат грејни тела како клима инвертери, печки на пелети и парно греење, за сите животни да имаат пријатни услови за престоj.
(А.П.)