НА ПРВА ЛИНИЈА ЗА ПОМОШ: Принцот Хари и Меган им служеа храна на погодените од пожарите во Лос Анџелес

330
EPA-EFE/REMKO DE WAAL

Војводата и војвотката од Сасекс, Хари и Меган посетија центар за дистрибуција на оброци, формиран за луѓето погодени од пожарите што го опустошија Лос Анџелес.

Принцот Хари и Меган вчера беа забележани од локална новинарска екипа на Фокс 11 во Конгресниот центар во Пасадена, кој служи како место за евакуација. Двојката разговараше со основачот на World Central Kitchen (WCK), Хозе Андрес и волонтери од организацијата, како и со погодените од пожарите, објави CNN.

WCK, кој е долгогодишен партнер на нивната фондација Арчевел, дистрибуира бесплатни оброци на екипите за итни случаи и на луѓето погодени од огромните пожари.

Двојката беше видена и со градоначалникот на Пасадена, Виктор Гордо, кој подоцна за Фокс 11 ја опиша двојката како „одлични луѓе“. Гордо рече дека биле во центарот каде тивко служеле храна и никој не ги препознал бидејќи носеле маски за лице.

– Сакаат да бидат од помош колку што можат и навистина сакаа само да им дадат поддршка – рече Гордо.

Тој додаде дека не дошле за публицитет, туку за работа.

– Отидовме да посетиме некои од семејствата во погодената област и од прва рака да погледнеме некои од погодените области, а потоа сакавме да ги посетиме оние кои први реагираа и лично да им се заблагодариме за нивните напори да им помогнат на нашите семејства и нашите соседи – истакна Гордо.

Најмалку 11 лица загинаа досега низ Лос Анџелес во пожарите што избувнаа во вторникот.

Илјадници згради беа уништени, а околу 180.000 луѓе беа евакуирани од своите домови.

ИЗДВОЕНИ