На прочка ќе продефилира поворката со маскирани лица предводена од „Мечкарите“

23

Поворката од стотиците маскирани ќе тргне од пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ па се до плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ каде ќе бидат централните карневалски свечености. Пријавени се над 600 учесници и ќе има над 25 групни маски кои ќе ја покажат имагинацијата на мечкарите. Карневалската поворка, традиционално ќе ја предводат „Мечкарите“, заштитната маска на прилепскиот карневал и ќе биде збогатена со жонглери, акробати, кловнови, куклари и многу други изненадувања

Над 600 учесници и 25 групни маски се очекува да бидат дел од централното дефиле на маските в недела напладне на плоштадот во Прилеп. Ќе се одржи најновото издание на прилепскиот карневал „Прочка 2025“. Локалната самоуправа веќе ја објави програмата за сите настани врзани на карневалските свечености кои ќе траат три дена.

Програмата почнува утре со изложбата на рачно-изработени маски кои ќе бидат изложени во ликовниот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Маските се изработени од учениците во основните и средните училишта на традиционалните работилници за негување на карневалските традиции. Изложбата ќе биде отворена в петок напладне, кога ќе бидат соопштени и најдобрите маски.

В сабота, на 1 март, исто така напладне, на платото кај Градскиот саат од здружението на жени „Преродба“ од Прилеп ќе го презентираат традиционалниот обичај – амкање. Програмата ќе биде збогатена со весело шоу.

В недела, на Велики поклади – Прочка напладне е централната манифестација и карневалската поворка на маските. Поворката од стотиците маскирани ќе тргне од пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ па сè до плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ каде што ќе бидат централните карневалски свечености. Пријавени се над 600 учесници и ќе има над 25 групни маски кои ќе ја покажат имагинацијата на мечкарите. Карневалската поворка, традиционално ќе ја предводат „Мечкарите“, заштитната маска на прилепскиот карневал и ќе биде збогатена со жонглери, акробати, кловнови, куклари и многу други изненадувања.

Стручното карневалско жири ќе ги избере најдобрите и најуспешни маски на годинашниов прилепски карневал „Прочка 2025“. Традиционалниот ручек и одбележувањето на „Чист понеделник“ заедно со здружението „Прилепски мечкари“ ќе биде на 3 март, в понеделник, во 12 часот, во манастирот „Св. Ѓорѓија“, во селото Присад.

 

ИЗДВОЕНИ