Во маркетите, речиси и да нема домашно млеко, речиси 90 отсто е увозно – од Србија, Босна и Херцеговина и од другите соседни земји. Сточарите ги лоцираат причините во ниските откупни цени во скапата храна, задоцнетите субвенции, незаинтересираноста на младите да се занимаваат со оваа сточарска гранка… Сето ова, како што велат, резултирало со намалување на сточниот фонд, кој последниве десет години опаднал за 90 отсто. Освен производството на млеко и на млечни производи, намалено е и производството на свежо месо. Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, потврди дека имаме сериозен пад на млекопроизводството и рече дека ќе работат интензивно за да се врати сточарството, како и млекопроизводството.
– Најголем проблем во сточарството, години наназад, е ниската откупна цена на млекото. Уште во 2019 година, поради недостиг на домашно, сточарите бараа бесцарински увоз на млеко за да го препакуваат тука. Проблемот со намалување на добитокот почна многу порано, со затварањето на „Сведмилк“. Тоа придонесе за пад на цената и за намалување на интересот за одгледување крупен добиток. Исто така, и ненавремената исплата на субвенции имаше голем удел врз одржувањето на сточарството, бидејќи беа примарен приход. Но, сега ситуацијата е поинаква. Субвенциите не се примарен приход, бидејќи се зголеми цената на млечните и на месните производи – изјави за весникот ВЕЧЕР Никола Георгиев, претседател на Сојузот на сточари.
Тој додава дека сточарството, генерално, е неатрактивно за младите, поради тоа старосната граница на сточарите е над 60 години. Европската Унија презема мерки за мотивација на младите. Но, смета дека со тоа што последниве години се зголемени приходите од производите во сточарството, ќе се зголеми и интересот кај младите.
– Овчарството 99 отсто е екстензивно, што значи се одгледуваат овци со ниска продукција, додека во говедарството е обратно, односно 90 отсто е интензивно, односно шталско, со високопродуктивни раси. Но, проблемот е што веќе нема крави. Последните десет години, говедарството е намалено за 90 отсто. Условите во сточарството се подобруваат, но не и бројната состојба. Оваа гранка не е како тутунопроизводството, ако е добро оваа година, наредната ќе го дуплираме производството. Во сточарството, ако имате 200 илјади грла, наредната година не може да имате еден милион. Тоа е подолгорочен процес – објаснува Георгиев.
Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа вели дека имаме драматично намалување на сточниот фонд, кој, последниве неколку години, е намален за 70 отсто.
– Сето ова се должи на ниската откупна цена, скапата храна, немањето интерес од младите да се занимаат со оваа дејност… Долг период, откупната цена на млекото беше многу ниска, а откупувачите манипулираа со сточарите, го откупуваа по багателни цени, а во маркетите се продаваше повеќе од двојно. Освен тоа, се појавија многу болести кај стоката, како шап, лигавка, син јазик… кои дополнително придонесоа да се намали сточниот фонд. Но, генерално, главен проблем се лошите политики во сточарството, кои го уништија. И тука е слична ситуацијата како во земјоделството, сточарите работат со загуба, а ќарот е кај трговците – изјави Каракашев за ВЕЧЕР.
Министерот Трипуновски рече дека оваа година за првпат се воведува мерката за оставено женско теле, односно за зголемување на основното стадо на секој еден фармер. Сумата што ќе ја добие секој еден фармер за оставено женско теле, е 3.000 денари дополнителна субвенција.
Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, смета дека ситуацијата со производството на млеко во Македонија е лоша, бидејќи се покачиле цените на сѐ што е потребно за производство на млеко.
– Се покачи цената на водата, на горивото и на храната. Изминатата година беше сушна, па и тие што сами си произведуваат храна, се најдоа во незавидна ситуација. Оттука, откупната цена на млекото се движи околу 30 денари, а во продавниците, на рафтовите, е трипати поскапо. Со други зборови, оние, откупувачите или прекупците, ја собираат целата добивка од трудот на фармерите, кои го произведуваат млекото. И да биде уште потрагично, сите оние големи млекарници се странски капитал, а домашното млеко го извезуваат во странство. Македонскиот народ, кој произведува квалитетно млеко, пие млеко од прав, во прашок – рече Јанчев.
Според него, проблем е тоа што Македонија почнала повеќе да увезува отколку да извезува млечни производи, а не произведува ни сама за себе.
(А.С.)