На поканата од Фицо, Зеленски одговори со покана: Во ред, дојдете во Киев во петок

40

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го покани словачкиот премиер Роберт Фицо да го посети Киев во петок, како одговор на претходниот повик на Фицо за разговори за транзит на руски гас.

„Во ред. Дојдете во Киев во петок“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Х, пренесе Ројтерс.

Претходно денеска Фицо го покани Зеленски да разговара за транзитот на руски гас преку украинска територија, кој беше прекинат на 1 јануари.

„Таков состанок ќе создаде добра основа за отворена дискусија за испораките на гас за Словачка и други земји преку украинска територија“, рече Фицо во отвореното писмо до Зеленски.

Од 1 јануари оваа година, рускиот гас повеќе не тече низ Украина до земјите од Европската унија, откако петгодишниот договор за снабдување истече и не беше обновен, што доведе до спор меѓу двете земји.

Фицо потсети дека, ако ситуацијата не се промени во рок од неколку недели, тој ќе иницира реципрочни мерки против Украина, вклучително и запирање на снабдувањето со електрична енергија за Украина, запирање на хуманитарната помош или дури и ставање вето на понатамошната помош за Украина од ЕУ.

ИЗДВОЕНИ