На почетокот на 2025: Претседателката на Мексико очекува Конгресот да одобри забрана за садење ГМ пченка

34
Фото:википедија

Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум денеска изјави дека очекува Конгресот да одобри забрана за садење генетски модифицирана пченка во земјата на почетокот на следната година.

Изјавата на Шајнбаум доаѓа еден ден откако панелот за трговски спорови пресуди дека ограничувањата на Мексико за американскиот извоз на ГМ пченка го прекршуваат трговскиот договор САД-Мексико-Канада (USMCA), објави Ројтерс.

„Со помош на мексиканскиот конгрес, ќе ја укинеме оваа резолуција бидејќи многу наскоро, во февруари, тие ќе донесат закон, сигурна сум, да не можете да садите генетски модифицирана пченка“, рече Шајнбаум.

Владејачката партија има мнозинство во мексиканскиот конгрес.

„Мораме да го заштитиме биодиверзитетот на Мексико во нашата земја… без пченка нема земја“, рече Шејнбаум.

Таквата забрана може да го зголеми снабдувањето на Мексико со негенетски модифицирана пченка, но не може да го спречи увозот на ГМ сорти, наведува агенцијата.

ГМ културата содржи генетски материјал кој природно не се наоѓа во растението, на пример за подобра заштита од болести.

Земјоделците во голема мера усвоиле такви култури во некои земји како САД, но критичарите велат дека нивната безбедност за здравјето на луѓето и животната средина не е докажана, пренесува Танјуг.