Тутунопроизводството во Македонија има иднина. Тоа е култура што носи девизен прилив, а македонскиот ароматичен тутун се бара на светските пазари, истакна Кире Ристески од Сојузот на земјоделски здруженија.

– По Турција, Македонија е втора по производство на ароматичен тутун. Светските побарувања се 120 милиони тони, а има производство од 100 милиона тони ароматичен тутун – посочи Ристески.

Незначителни и мали се штетите на леите со тутунов расад. Тутунарите кои со расадопроизводството ја почнаа новата производствена година, навреме ги заштитија од ниските температури леите со посеаниот тутунов расад, велат од Сојузот на земјоделските здруженија кои ја следат ситуацијата на теренот.

– Мали се оштетувањата на тутуновиот расад поради ниските температури. Тоа е поради фактот што нашите тутунопроизводители се добро едуцирани и добро си ги заштитија расадите. Нешто поголеми оштетувања има во реонот на Конче поради надморската височина, но се смета за незначително и нема да влијае врз очекувањата и зголеменото производство на тутун – вели Ристески.

Тутунарите ги склучија договорите со откупувачите кои понудија зголемени цени, но секој различни. Тие наскоро ги очекуваат и субвенциите за ланската реколта.

– Според неофицијалните податоци, во моментов се склучени околу 30.000 договори со откупувачите за очекуван принос од 27.000 тони тутун. Тутунот ќе се засади на површина од околу 14.000 хектари. Зголемувањето е околу 8 до 10 проценти. Интересот е поголем поради добрите цени моментално. И ланската реколта се откупи по просечна цена од речиси 400 денари, па со субвенциите кои ги очекуваме за брзо време килограм тутун е 500 денари – објасни Ристески.

 

ИЗДВОЕНИ