Парискиот надбискуп Лоран Улрих ја инаугурира париската катедрала Нотр Дам со тропање на вратите за време на церемонијата на повторно отворање на катедралата Нотр Дам де Париз, во Париз, Франција, 07 декември 2024 година.
Носејќи стап, исечен од една од гредите на покривот што го преживеа пеколот, Улрих наредил катедралата да ги „отвори вратите“ пред да им се придружи на стотиците гости, чиј домаќин беше францускиот претседател Емануел Макрон, според Франс 24.
Во 19 часот и 10 минути, првпат по пет години заѕвонеа камбаните на Нотр Дам, кои присутните во катедралата и граѓаните собрани на предниот плоштад ги слушаа во тишина.
Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга ги пречекаа и се фотографираа со шефови на држави, на влади и познати личности на плоштадот пред Нотр Дам.
Меѓу нив се најстариот син на англискиот крал Чарлс Трети, принцот Вилијам, претседателот на Украина Володимир Зеленски, новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, како и првата дама, сопругата на актуелниот американски претседател Џил Бајден.
Околу 50 шефови на држави и влади во француската престолнина се очекува да присуствуваат на церемонијата по повод обновувањето на готското ремек-дело, пет години откако пожарот во 2019 година го опустоши местото на светското наследство и ја урна неговата кула, објави Франс 24 пред церемонијата.
Утре ќе се отслужат две миси, што ќе претставува историски момент за поклоници на овој легендарен споменик.
По отворањето на Нотр Дам, Макрон ќе приреди вечера за педесет шефови на држави во Елисејската палата.
Notre Dame de Paris Reborn pic.twitter.com/WS5eNBq9nx
— 옥시마 – French expat in Korea (@yangeulna) December 7, 2024