„На небото има реки“ во издание на ТРИ, е најновиот роман на турско-британската современа авторка Елиф Шафак.
„Слоевито како бранови и прекршено и течно како животот, делото на Шафак носи бистри еко-коментари за (не)грижата кон водните извори и за катастрофите кои ќе нѐ поплават ако не ги смениме своите лоши навики. Популарноста на романот, исто како потопот, започна со една капка вода“, истакнуваат од издавачката куќа.
Додека Трејси Шевалие напиша дека романот е „интригантна, возбудлива приказна, поетично потсетување на тоа колку сме поврзани едни со други и со минатото“, Арундати Рој посочи – „направете место за Елиф Шафак на вашата полица. Направете место и во вашето срце. Нема да зажалите“.
Но и покрај еко-ангажираноста, „На небото има реки“, како што вели Шафак, е „љубовно писмо кон водата“, кое поетски и раскошно го следи прераѓањето на една дождовна капка, која се впива во земјата, испарува кон облаците и се преобразува низ континентите и вековите сведочејќи ги личните и колективните судбини…