На Минхенската безбедносна конференција Европа ќе се понуди да го преземе товарот на САД во НАТО, со Британија во водечка улога

30

Според „Тајмс“, лидерот на лабуристите ќе објави дека европските земји треба уште повеќе да се фокусираат на напорната работа во НАТО додека претседателот Трамп го префрла фокусот на САД кон Кина и одбраната на САД. Минхенска безбедносна конференција се смета за лакмус-тест за моменталната состојба на трансатлантските односи, пишува Радио слободна Европа. Шефот на конференцијата, Кристоф Хојсген, изразува надеж дека мировниот план за Украина може да се оформи во Минхен

 

На Минхенската безбедносна конференција што почнува утре, шефот на британската дипломатија ќе нагласи дека е дојдено време Европа да го преземе товарот на САД во НАТО, при што Британија ќе ја преземе водечката улога, пишува „Тајмс“.

Според весникот „лидерот на лабуристите ќе објави дека европските земји треба уште повеќе да се фокусираат на напорната работа во НАТО додека претседателот Трамп го префрла фокусот на САД кон Кина и одбраната на САД“.

Пораката ќе ја пренесат британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами и министерот за одбрана Џон Хили на форумот во Минхен, каде што ќе им се придружат клучните членови на тимот на Трамп. Меѓу нив се потпретседателот Џеј-Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог. Британскиот  премиер Кир Стамер даде слични предлози до лидерите на ЕУ во Брисел минатата недела, а интервенцијата на Лами и Хили се смета за обид да се смири новата американска администрација, која јасно стави до знаење дека би сакала да го види Лондон на чело на НАТО во Европа. Извори од британската влада рекоа дека Хили и Лами јасно ќе стават до знаење дека Велика Британија е подготвена да го преземе водството, истовремено зголемувајќи го притисокот врз другите европски земји.

Трамп, исто така, бара од членките на НАТО да ги зголемат трошоците на пет отсто од БДП, зашто трошењето на некои од нив, вклучувајќи ги Шпанија, Белгија, Канада и Италија, е далеку под сегашната цел од два процента. Во меѓувреме, високи британски воени извори веруваат дека некои од американските одбранбени ресурси и средства во Европа неизбежно ќе бидат пренасочени на друго место како дел од „ребалансирањето“, бидејќи Трамп генерално го пренасочи својот фокус кон САД и Индопацифичкиот регион.

Традиционално блиските односи меѓу САД и Европа со децении ја карактеризираат Минхенската безбедносна конференција. Без разлика на некои разлики во мислењата, основата на која почиваше тој однос беше недопирлива. Двете страни соработуваа, се почитуваа. Но, по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, дури и она што изгледаше прилично стабилно со децении веќе не е сигурно. Минхенска безбедносна конференција што почнува в петок и завршува в недела, затоа се смета за лакмус тест за моменталната состојба на трансатлантските односи, пишува „Дојче веле“ и додава дека овие несогласувања би можеле да одбележат некои дебати во луксузниот минхенски хотел „Баеришер хоф“, каде што се состануваат политичари, воени претставници и експерти од целиот свет во рамки на конференцијата.

На конференцијата во Минхен се очекува да присуствуваат околу 60 шефови на држави и влади. Собирот е познат како најважен глобален форум за теми поврзани со безбедносната политика. Од редовите на новата американска администрација, пристигнувањето во Баварија, покрај потпретседателот Џеј-Ди Венс, го потврди и државниот секретар Марко Рубио, но не и новиот американски министер за одбрана Пит Хегсет. Дополнително, како што најави шефот на Конференцијата, Кристоф Хојсген, се очекува да пристигне една од најголемите делегации од американскиот Конгрес што некогаш присуствувала на собир во Минхен. Меѓу гостите е и новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте. На конференцијата ќе присуствуваат и мноштво високи претставници на ЕУ меѓу кои и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, комесарот за одбрана, Андриус Кубилиус и највисокиот дипломат на блокот, Каја Калас.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, ќе присуствува на конференцијата, каде што се надева дека ќе го убеди Трамп да го задржи американското финансирање за Киев во замена за трговско партнерство што ќе се прошири на украинските резерви на вредни метали и минерали. Минатата недела, во пресрет на конференцијата се прошири информација дека токму во Минхен американскиот посредник за Русија и Украина, Кит Келог, може да го претстави планот на администрацијата на Трамп за ставање крај на војната во Украина во Минхен. На прашањето во врска со ова, шефот на Конференцијата Хојсген понуди резервиран одговор: „Се надеваме дека Минхен ќе биде искористен“. „И гледаме одредени индикации дека може да има напредок по прашањето за мирот во Украина“. Тој, како што пренесе ДВ изразил надеж дека мировниот план може да се оформи во Минхен.

Минхенската безбедносна конференција е неформален состанок на кој не се донесуваат заклучоци. Токму затоа таму се поттикнува отворена размена на аргументи, а конфликтите не се ставаат под тепих.

 

ИЗДВОЕНИ